СДСМ утрово ја обвини кандидатката за претседател, Гордана Силјановска-Давкова дека „застанала против македонскиот народ, јазик и култура“, откако по социјалните мрежи кружи објава како се сретнала и фотографирала со бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.
-Ковачев е еден од најголемите негатори на македонскиот народ, јазик и култура, кој тврди дека Македонија ја фалсификува историјата, се вели во соопштението од СДСМ.
Според партијата, Ковачев отворено зборува дека „Македонија е вештачка држава, создадена од Коминтерната, дека македонски народ не постои, а АСНОМ е столб на антибугарството“.
-За Ковачев, браќата Миладинови не напишале Зборник туку „Бугарски народни песни“, за него сите македонски дејци се Бугари. Јавноста очекува одговори од Силјановска. Во ДПМНЕ нема никаква промена, тоа е истата партија која едно зборува, друго прави, која дава лажни ветувања кои никогаш не ги остварува. Со ДПМНЕ и Силјановска не е е можна никаква позитивна промена туку само полошо, оценуваат од партијата на власт.
Силјановска Давкова заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, потпретседателите на партијата Александар Николоски и Тимчо Муцунски, како и секретарот за меѓународна соработка Стефан Андоновски се во дводневна посета на Букурешт, Романија, каде што ќе присуствуваат на двовневниот конгрес на Европската народна партија (ЕПП).
Ковачев во неколку наврати изминативе години упатуваше провокации кон македонската држава, со недолични изјави, при што, меѓу другото, тврдеше дека македонскиот јазик е современа реалност, но и дека таа современа реалност има недвосмислени бугарски корења.
Преземено од Локално.мк