Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Северна Македонија и оваа година е во групата „демократии со недостатоци“ на „Економист“

Влијателниот магазин „Економист“ го објави Индексот на демократија за 2023 во кој се  рангирани 165 независни држави и две територии.

Северна Македонија и во ова рангирање, како и минатата година, е во групата на „демократии со недостатоци“ заедно со најголемиот дел од државите во поблискиот регион, сочинет од наши соседи и нивни копнени соседи, меѓу кои и 5 држави членки на ЕУ.

Во споредба со 2022 година, се наоѓаме на идентично 72 место, но со малку намалена просечна оценка од 6.03. Во 2022 оценката беше 6.10.

Од земјите во регионот, единствено Грција напредуваше во „целосна демократија“. Исклучок се Босна и Херцеговина и Турција кои се рангирани како хибридни режими.

Како што е познато, рангирањето на Индексот на демократија на „Економист“ се  сочинет од 60 индикатори поделени во пет категории: изборен процес и плурализам; граѓански слободи; функционирање на владата; политичко учество; и политичка култура. Оценувањето е на скала од 0 до 10 за секој од 60-те индикатори за кои потоа се изведува просечна оценка во 5-те категории и конечна оценка во рангирањето. Сите оценки под 6 за поединечни елементи на овој композитен индекс и конечната просечна оценка, упатуваат на хибридни и авторитарни режими.

Според политичкиот аналитичар и колумнист на Рацин.мк, Тони Поповски, претпоставка е дека би се искачиле најмалку десетина места погоре, доколку ја унапредиме политичката култура, за која трета година по ред имаме оценка од 3.13 од 10.

Другите поединечни оценки се: идентична 7.83 за изборниот процес и плурализмот; намалена оценка за функционирање на владата од 5.71, во 2022 беше 6.07; идентична оценка од 6.11 за политичкото учество – трета година по ред и идентична оценка од 7.35 за граѓанските слободи.

Поповски во својот статус на социјалните мрежи по овој повод пишува дека е неопходно да ја подобриме политичката култура, која, како што истакнува тој, е рефлексија на однесувањето, говорот и наративите на нашите политичари, но и на нивото на комуникација во медиумскиот простор и на социјалните мрежи.

Нов предизвик, според Поповски, е и функционалноста на власта, односно стабилноста и предвидливоста во сите процеси на владеење и нивно демократско унапредување.

„Влегуваме во изборен циклус кој лесно може да резултира со предизвик да се формира влада и овој предизвик уште отсега е препорачливо да се има во предвид. Околностите лесно може да доведат до ситуација, љутите политички ривали кои водат негативна кампања на меѓусебно дискредитирање, навредување и потценување, веќе ден после изборите да мора да седнат на маса и да бараат заеднички решенија. Оттаму, пожелно е да остават барем малку простор на меѓусебно почитување и доверба“, пишува Тони Поповски на социјалните мрежи по повод Индексот на демократијата за 2023 година на „Економист“.

Откако се мери Индексот на демократијата, Северна Македонија имала највисока оценка во 2006 година (6,33). Наредните години индексот постојано се намалувал и во 2016 година паднал на најнизок ранг, 5,23. Во 2017 година пораснал на 5,57 и со континуиран раст од околу 0,10 во наредните години, во 2022 стигнал до 6,10, откако во 2021 излезе од групата „хибридни режими“.

Треба да знаете
Moже да ве интересира