NASA го објави својот 24-ти клас на кандидати за астронаути, составен од шест жени и четворица мажи. Некои од овие нови астронаути би можеле да бидат првите луѓе што ќе стапат на Марс.
Од повеќе од 8.000 апликанти, избраните 10 кандидати сега започнуваат интензивна двегодишна обука. Тимот ја комбинира експертизата на научници, борбени пилоти, инженери, како и поранешна членка на американската женска национална рагби репрезентација.
„Овие 10 мажи и жени ја отсликуваат вистината дека во Америка, без разлика од каде почнувате, нема ограничувања за тоа што решен човек може да постигне – дури и да отиде во вселената“, изјави вршителот на должноста администратор на NASA, Шон Дафи.
Иако овие астронаути можеби нема да учествуваат во првите мисиите на Artemis кои ќе се вратат на Месечината, тие се првите кандидати за работа на комерцијални вселенски станици или за историското патување до Марс.
Во меѓувреме, NASA најави дека мисијата Artemis 2, со екипаж, најверојатно ќе стартува на 5 февруари 2026 година. Програмата Artemis е наследник на легендарната Apollo и има цел да воспостави постојано човечко присуство на Месечината преку изградба на бази. Програмата има и геостратешко значење, бидејќи и Кина и Русија најавија слични планови за заеднички бази на природниот сателит.
Мисијата Artemis 2 ќе орбитира околу Месечината, подготвувајќи го теренот за Artemis 3, која исто така ќе слета на Месечината. NASA најави дека на екипажот ќе има најмалку една жена, која ќе биде првата што ќе стапи на површината на Месечината.
Така, трката за освоение на Месечината е во полн ек, со Кина која изгледа подготвена да биде прва во ова натпреварување.