Шкријељ: Имаме позитивни трендови во економијата, растот на платите го надминува растот на инфлацијата

„Факт е дека поминавме низ тежок период, низ многу кризи, но сега инфлацијата е стабилизирана на некое ниво од 3%. Денеска гледав податоци за инфлацијата во еврозоната, просечната годишна инфлација е 2,6%, а кај нас е 3%. Мислам дека во однос на инфлацијата, податоците покажуваат дека таа се стабилизира. Она што ме радува е што согласно анализите на економските аналитичари, е дека сепак, растот на платите го надминува растот на инфлацијата. Имавме изјава од претставници од виенски економски институт дека реалниот раст на платите е поголем во споредба со оној од пред 3 години. Имаме движење во позитивна насока на економијата. Далеку од тоа дека се уште можеме да кажеме дека сме ги надминале предизвиците во инфлацијата, особено во делот на прехранбените продукти. Имаме јасни знаци дека имаме позитивни трендови во економијата, во делот на она што значи реална куповна моќ на платите“, изјави пратеничката од редовите на СДСМ Санела Шкријељ во емисијата „Топ тема“ на Телма телевизија.

Таа додаде дека она што е факт и што не треба да се заборави е дека со сите кризи што се случија на глобално ниво, од почетокот на мерење на сиромаштијата во светски рамки, никогаш немало толку луѓе што паднале под прагот на сиромаштија.

„Не можеме да кажеме дека е достигнат пикот на сиромаштија, затоа што сме имале праг на сиромаштија од 40%. Оттогаш, нашата земја бележи пад во однос на сиромаштијата. Факт е дека имаше успорување за време на пандемијата, меѓутоа, тоа беше глобален тренд. Како држава треба да знаеме дека последните 15 години имаме тренд на намалување на  сиромаштија. Сме почнале од 40%. Тоа е позитивно за државата и за сите претходни влади“, заклучи Шкријељ.

„Две децении во континуитет нашата држава се соочува со комбиниран проблем, од една страна имаме стареење на населението, а од друга страна имаме иселување на младите. Ниските плати не се единствената причина за иселување, што потврдува дека имаме раст на платите. Младите сакаат квалитетен живот и многу други услови, меѓутоа и младите сакаат да го менуваат местото на живеење, местото во кое студираат, не сакам да се сведеме на реториката дека младите не треба да одат на студиски престои. Тоа е глобализација. Тоа од една страна е позитино, но сакаме да се вратат и тоа што го стекнале како искуство да го научат тука. Пред некој ден бев на презентација Манифестот на младината и ме израдува тоа што видов една многу прогресивна визија и отворена слика за она што младите го сакаат бидејќи кога зборуваме за проблемот со иселувањето на младите знаеме многу да дискутираме наместо да ги прашаме нив“, изјави Шкријељ.

Таа додаде дека факт е дека партиите не успеваат да се договорат и да кажат дека ова е национално прашање, па да се тргне дневното политиканство кога станува збор за реформи во образованието и да се направат тие реформи во образованието.

„Сум била вклучена во еден таков процес, има експертски институции кои јасно кажуваат што треба да се направи во нашето образование, како што се УНИЦЕФ, Светска банка, и кога ќе се тргне по тој пат не треба да влегуваме во дневно политиканство. Реформите не би биле реформи ако не се тешки и болни“, потенцираше Шкријељ.

Во однос на недостатокот на учебници, таа додаде дека тоа можеше да се надмине и да имаме квалитетни учебници доколку немаше шиканирање на новиот предлог закон за учебници којшто гарантираше ослободување од монополи, како да биде спроведена постапката, избор од три учебници.

Треба да знаете
Moже да ве интересира