Шокантен инцидент во студентскиот дом „Гоце Делчев“: Станар снимал студентки во бањата

Студентките во државниот студентски дом „Гоце Делчев“ во Скопје се исклучително вознемирени откако претседателката на Советот на станари ги информираше дека во блокот А на 12 кат, станар повеќе пати направил фотографии на девојки додека се тушираат, со мобилен телефон поставен над параванот.

Инцидентот бил откриен на 16 октомври 2025 година, околу 17 часот, кога станарот бил затекнат на дело. По тоа, веднаш реагирала полицијата и управата на домот. При претресот, во неговиот уред биле пронајдени фотографии од повеќе станарки. Во групата на Вибер на студентскиот дом, наменета за станарите, било повикано секое девојче кое забележало сомнително однесување или се почувствувало фотографирано додека се капе, да пријави.

Министерството за внатрешни работи ја потврдува информацијата: „На 16 октомври 2025, во 20:10 часот, 22-годишна девојка од Прилеп, со престој во студентски дом на подрачјето на Карпош, пријавила дека додека се туширала забележала телефон над параваните. Според пријавата, А.М. (22) од Богданци признал дека тој ги направил фотографиите. Лицето е приведено, а одземени му се лаптоп и компјутер. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР за Слободен печат.

Директорот на студентскиот дом, Александар Каровски, за „Слободен печат“ истакнува дека ќе биде поведена дисциплинска постапка против студентот, а најверојатно ќе биде иселен од домот. „Како дом имаме обврска да ја заштитиме безбедноста на жените. Недозволиво е снимање и прекршен е законот, за што ќе следува посебна истрага од полицијата. Признал дека снимал, иако не е познато колку пати. МВР побара снимки од безбедносните камери. Доколку не му е изречена казната, тој сè уште има право да престојува во домот, можеби веќе си отишол дома“, додава Каровски.

Извор: Слободен печат

Зачлени се на нашиот е-билтен