Разорниот земјотрес може да ја чини Турција до 85,1 милијарди долари, соопшти Турската Конфедерација на претпријатија и бизнис.
Во извештајот на Конфедерацијата се вели дека трошоците би можеле да вклучат 70,8 милијарди долари за поправки на неколку илјади домови, 10,4 милијарди долари изгубен државен приход и 2,9 милијарди долари за изгубени денови, објави Ал Џезира.
Според текстот на документот, најголем трошок ќе биде реконструкција на станбени згради, далноводи и инфраструктура, како и задоволување на станбените потреби на неколку стотици илјади луѓе кои останаа без покрив над главата.
Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган изјави дека станбените згради ќе бидат обновени во рок од една година, а владата подготвува програма за „повторно подигнување и исправување на земјата“.
Повеќе од 35.000 луѓе загинаа во Турција и Сирија како последица на земјотресот што се случи во понеделникот на 6 февруари.
Турските власти денеска соопштија дека во Турција се спасени уште седум лица, седум дена по земјотресот.