Соња ТАНЕСКА
Со формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, јавноста станува сведок на промени во приоритетите на меѓународната политика на Македонија. Еден од најистакнатите трендови е засилувањето на економските и политичките односи со Унгарија, што ја доведе земјата во нова фаза на соработка со оваа централноевропска држава. Иако владата оваа соработка ја претставува како начин за економски раст, политичкиот дискурс е доминиран од прашањето за „унгаризација“ на македонското општество.
Основата на оваа соработка е унгарскиот кредит во висина од 500.000 милиони евра, кој Владата вели дека ќе го користи за финансирање на големи инфраструктурни проекти во општините. А исто така премиерот Христијан Мицкоски најави инвестиции во стратешки сектори како телекомуникациите и енергетиката, кои ги прикажа и како голем успех во првите 100 дена од новата влада.
Се шпекулира дека се подготвува терен и за унгарската банка ОТП, којашто во региоонот нема влезено уште во Македонија.
Со оваа интензивна соработка со Унгарија, се поставува прашањето какви импликации ќе има ова на односите на Македонија со Европската Унија, која сепак одлучи Северна Македонија и понатаму да ја остави во чекалната бидејќи новата влада ги до-наруши и така нарушените односи со соседите и секако одбра да не ги гласа уставните измени. Но дополнителната ориентација на земјава ја покажува и блисокоста со унгарскиот премиер Виктор Орбан е познат по својата антилиберална реторика и честите конфликти со Брисел. Честите посети на македонски министри на Будимпешта само дополнително го зацврстуваат впечатокот дека владата на ВМРО-ДПМНЕ се движи кон модел кој е сличен на оној на Орбан, што не е добро прифатен во европските кругови.
Унгарски кредит, унгарски гости
Унгарскиот премиер смета дека е „историска грешка на квадрат“ што Северна Македонија се одвои од Албанија во преговорите со ЕУ и се понуди да биде посредник меѓу Скопје и Софија. Неизбежна тема за време на престојот во Северна Македонија, беше и унгарскиот кредит за Владата, кој Мицкоски го договори со Орбан на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон во јули годинава.
Наспроти сомнежите кои се покренаа и во унгарската јавност околу потеклото на парите, Орбан негираше поврзаност со Кина иако во мај беа потпишани 16 договори со Кина и Унгарија зеде позајмица од оваа земја во висина од една милијарда евра.
Вишиот соработник во тинк-тенк организацијата за јавна политика, Германски Маршалов фонд во Берлин, Даниел Хегедуш, за новинарот Јакоб Кушоги од унгарскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), оценува дека преку политичката поддршка, инвестициите во партиски медиуми, но и со заемот од 500 милиони евра што Унгарија и го дава на Северна Македонија, унгарскиот режим на Орбан остварува повеќе цели.
-Така купува влијание во геополитички стратешки регион, обезбедува лојалност меѓу елитите кои еден ден би можеле да бидат сојузници во Европската унија и создава профитабилни можности за унгарските компании и инвеститори – од кои многумина имаат блиски врски со Фидес“, вели Хегедуш за РСЕ.
Тој потсетува дека и унгарските инвестиции, но и политичкото влијание во Северна Македонија имаат длабоки корени кои датираат уште од раните 2000-ти години кога унгарски Телеком стана најголемиот странски инвеститор во македонскиот телекомуникациски сектор. Ваквите врски меѓу политичката и бизнис елита, потенцира тој, Орбан целно ги зајакна по преземањето во власта во Будимпешта во 2010.
-Блискиот однос на ВМРО-ДПМНЕ со Фидес беше нагласен и со тоа што Унгарија му даде политички азил на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, како и со финансиската поддршка од олигарсите поврзани со Фидес за медиумите поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, кои беа финансиски неодржливи. Овие инвестиции ги одржуваа живи партиските медиуми во критичните изборни периоди, по слабите години во опозиција“, посочува Хегедуш.
За потсетување, по паѓањето на власта на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година, новинарски истражувања покажаа и дека откако оваа партија стана опозиција, во неколку интернет портали и една телевизија кои важеа за блиски до неа, влегол унгарски капитал. Станува збор за сопственици на фирми кои медиумските кариери и империи ги изградиле во време на владеење на Орбан, поддржувајќи ги јавно неговите политики.
Откако ВМРО-ДПМНЕ се врати на власт по парламентарните избори во мај, по седум години во опозиција, спред Хегедуш, владејачките елити во двете земји имаат можност дополнително да ја прошират својата соработка.
Орбан е носител на орден „8 Септември“
Двете десничарски партии како сестрински беа дел и од Европската народна партија (ЕПП). Но, партијата на унгарскиот премиер во март 2021 ја напушти ЕПП, непосредно пред да биде исфрлена откако веќе долго време се соочуваше со критиките од ЕУ за поткопување на демократските слободи, медиумите, невладините организации и владеењето на правото.
Како сестринска партија, Фидес досега редовно ја поддржуваше ВМРО-ДПМНЕ, а Орбан беше гостин и во неколку предизборни кампањи на поранешниот партиски лидер и експремиер Никола Груевски.
Една година подоцна, Груевски „се смести“ во Будимпешта. Во ноември 2018 избега во унгарскиот главен град, каде доби политички азил.
Додека Груевски беше премиер, а претседател Ѓорѓе Иванов, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Орбан се закити и со државна награда од Македонија – орден „8 Септември“.
Што вети Мицкоски?
Од собраниската говорница во јуни, новиот премиер најави дека неговата генерација политичари нема опција за неуспех и ќе мора да направи големи чекори напред, најави фуриозен почеток на проекти, намалени даноци економски развој, раст од пет отсто на БДП и и зголемување на платите.
Тој исто така рече дека отпочне силна борба против корупцијата и за владеење на правото, ќе се чешла имотот на обвинители, судии, на функционерите, ќе биде зголемен буџетот во образованието, ќе се формира посебен фонд за врвна наука, а во центарот на вниманието ќе биде економијата.
„Немам впечаток дека има некое особено пеколно темпо во работата на владата, напротив“, вели Петар Арсовски.
Сепак во првите 100 дена на економски план, унгарскиот кредит стигна само да ги покрие пензиите иако од ветените 5.000 денари тие добија само 2.500 денари, не се знае кога ќе има повисоки плати, нема ни почеток на реформи на дигитализацијата, нема капитални проекти, а најавените инвестиции зависат од Унгарија.
-Да се држеа малку повеќе или барем 80 проценти до својата програма, Владата на ВМРО-ДПМНЕ и првите 100 дена ќе беше многу поефикасна на економски план. Очекував дека ќе се намалт и трошењата кои ги имаа некои агенции и јавни претпријатија, но тие првата работа што ја направија е зголемување на Владата наместо како десноориентирана партија да ја намалат администрацијата, вака го оценува за Рацин.мк, економскиот старт на Владата аналитичарот Абил Бауш.
Тој вели дека Македонија треба да е крстопат на Балканот и сериозно треба да работиме на двата коридори и 8 и 10, бидејќи само така би имале поголема предност од другите земји, затоа се многу важни и се крвоток на економијата.
Аналитичарот Бауш не очекувал дека новата влада ќе го земе унгарскиот кредит и да направи долг како што направила Владата на Љупчо Ѓорѓиевски кога зела тајвански кредит од една милијарда.
Половина наместо една милијарда е показател дека Владата дејствува импулсивно, смета аналитичарот Бранимир Јовановиќ.
-Развојна банка има доволно средства од европски фондови и со поповолни услови и не гледам потреба да земате нов кредит со камата над 3 отсто и да ги давате компаниите. Компаниите не сакаат да се задолжуваат. Делот за општините погрешно поставен. Не знаеме на што ќе се потрошат овие пари, целиот процес е погрешно поставен. Но имаме нова Влада кој сметам дека е неискусна во ова поле. Земаме релативно голема сума на пари со каматна стапка кој и не е толку ниска на долг рок целиот трошок ќе падне на граѓаните како и секогаш, вели Јовановиќ.
Линијата Будимпешта-Белград-Скопје-Атина
Професорот и поранешен амбасадор Нано Ружин посочува дека „односите со соседите се пореметени затоа што со фактот на упорното негирање на придобивките од Преспанскиот договор и на незавршената работа за внесување на Бугарите во Македонија во Уставот влијаеше врз добрососедството и тоа не е добра насока. Од една страна се настојува да се поврзе линијата Будимпешта-Белград-Скопје-Атина, но оспорувањето на Преспанскиот договор може да ја успори оваа намера“.
Тој предупредува дека не е добро тоа што оваа Влада „настојува да влезе во оној блок држави на чело со Унгарија, којашто има одредени критички забелешки кон политиката на ЕУ.
-Треба да се внимава, вели Ружин.
Петар Арсовски смета дека е рано да се говори за вкупната насока во која се движи земјата, но, вели, предизвиците се големи.
„Веќе во првите месеци, се појави антагонизам со Албанците, антагонизам на линија на Преспанската спогодба, никаков напредок со Бугарија, а приближување со Орбан. Ако е тоа правецот во кој планира владата да ја движи земјата, брзо ќе се соочи со критика од меѓународната заедница“, проценува Арсовски.
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани е трет висок функционер кој отпатува во Будимпешта, а се со унгарскиот министер за ЕУ прашања Јанош Бока. Се чини стана практика пред одредена одлука или пак по некој голем настан како што последно беше состанокот во Брисел со фокус на Планот за раст за Западен Балкан, а претходно Самиотот на НАТО, македонските министри да остварат средби со унгарски политичари и да ги одредуваат следните чекори за Северна Македонија.
Во пресрет на изборите во Северна Македонија, во октомври 2023 Мицкоски и партискиот потпретседател, сегашен министер за транспорт и врски Александар Николоски беа на средба со Орбан во Будимпешта.
„На средбата беше направен пресек на соработката и работата на двете партии за размена на искуствата при изработка на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за наредните избори. Беше разговарано за идни проекти и планови за развој кои би се реализирале веднаш по промената на власта во Македонија”, објави тогаш Николоски на Фејсбук.
И по победата на изборите и Мицкоски и Орбан се сретнаа на самитот на НАТО во јули кога всушност и беше потврден фамозниот унгарски кредит од 500 милиони евра.
„Разговаравме за неколку теми меѓу кои и темата којашто можеби за македонските граѓани е најважна, а тоа е дека двете влади се договорија во иднина да воспостават специјална економска соработка, нешто што ќе значи сигурност и нешто што ќе значи финансиска стабилност за нашата македонска економија“, изјави тогаш Мицкоски.
На 1 август во Будимпешта беше и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, каде се сретна со Балаш Орбан, политички директор на шефот на владата на Унгарија.
На средбата беа потврдени одличните политички и економски односи меѓу двете земји, а двајцата говорници се согласија дека соработката меѓу двете земји ќе продолжи на високо ниво зголемувајќи ја преку искуствата на унгарската влада во европските процеси.
На 6 септември македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски за првпат беше во официјална посета на Будимпешта и се сретна со неговиот унгарски колега Петер Сијарто.
На средбата беше нагласена важноста на пријателството меѓу двете земји изградено врз основа на меѓусебна доверба и поддршка, како во мултилатералните односи, така и во економската соработка, која ќе продолжи да се развива и продлабочува во иднина, со посебен акцент на поддршка на постојните и поттикнување нови инвестиции.
Министерот Муцунски на средбата се заблагодари за целокупната поддршка од Унгарија, вклучително и неодамнешниот заем за нашата држава, како и големата помош при справување со пожарите. Притоа, тој го информираше својот унгарски колега за новите надлежности на министерството, структурирано слично на унгарското министерството со кое тој раководи.
Како претседавач со ЕУ, Орбан шест месеци всушност требаше да биде неутрален посредник во Унијата. Спротивното се случува. Конфликтите се заоструваат, а Унгарија сега мора дури и да плати и милионска казна.
Парламентарците и многу влади во ЕУ го критикуваа фактот дека Виктор Орбан презеде самопрогласена мировна мисија во јули за војната во Украина, без да има за тоа мандат во својство на претседател на Советот. Договорите на ЕУ не предвидуваат ова ротирачко претседателство на Советот да врши надворешна политика. Орбан сепак ја злоупотреби улогата за да лета во Москва, во Пекинг, кај Трамп.
Орбан не е само во однос на надворешната политика контра од ЕУ. Унгарија опстојува насвојата незаконска процедура за азил и покрај пресудата на Европскиот суд на правдата. Судот во јуни одреди казна од 200 милиони евра и дополнителна дневна казна од еден милион евра против Унгарија. Орбан не сака да плати па затоа еврокомесарот за буџет Јоханес Хан ќе ги наплати парите така што соодветно ќе ги намали исплатите од буџетот на ЕУ за Унгарија.
ЕК и повеќето земји-членки се вежбаат во тивок штрајк против претседателот на Советот. Еврокомесари и министри не одат на состаноците што се одржуваат во Унгарија. Ова никогаш порано не се случувало.