Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Сите патишта на македонските министри водат кон Будимпешта – И Муртезани „ќе реферира“ пред унгарските власти

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани е трет висок функционер кој отпатува во Будимпешта, а тој ќе се сретне со унгарскиот министер за ЕУ прашања Јанош Бока. Се чини стана практика пред одредена одлука или пак по некој голем настан како што последно беше состанокот во Брисел со фокус на Планот за раст за Западен Балкан, а претходно Самиотот на НАТО, македонските министри да остварат средби со унгарски политичари и да ги одредуваат следните чекори за Северна Македонија.

Иако Унгарија се соочува со сериозни проблеми поврзани со ЕУ, постојат и закани за одземање на претседавачкото столче, а голем број земји членки на Унијата ги избегнуваат и средбите со унгарски политичари, сепак од кабинетот на Муртезани на средбата во Унгарија информираат дека ќе се разговара за можностите за унапредување на процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, за време на актуелното претседавање на Унгарија со Советот на ЕУ.

Не е тајна пријателството на ВМРО-ДПМНЕ со Виктор Орбан, оценет како илибералниот политичар на Европа, започна со поранешниот премиер Никола Груевски, а продолжи и со сегашниот Христијан Мицкоски.

Во пресрет на изборите во Северна Македонија, во октомври 2023 Мицкоски и партискиот потпретседател, сегашен министер за транспорт и врски Александар Николоски беа на средба со Орбан во Будимпешта.

„На средбата беше направен пресек на соработката и работата на двете партии за размена на искуствата при изработка на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за наредните избори. Беше разговарано за идни проекти и планови за развој кои би се реализирале веднаш по промената на власта во Македонија”, објави тогаш Николоски на Фејсбук.

И по победата на изборите и Мицкоски и Орбан се сретнаа на самитот на НАТО во јули кога всушност и беше потврден фамозниот унгарски кредит од 500 милиони евра.

„Разговаравме за неколку теми меѓу кои и темата којашто можеби за македонските граѓани е најважна, а тоа е дека двете влади се договорија во иднина да воспостават специјална економска соработка, нешто што ќе значи сигурност и нешто што ќе значи финансиска стабилност за нашата македонска економија“, изјави тогаш Мицкоски.

На 1 август во Будимпешта беше и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, каде се сретна со Балаш Орбан, политички директор на шефот на владата на Унгарија.



На средбата беа потврдени одличните политички и економски односи меѓу двете земји, а двајцата говорници се согласија дека соработката меѓу двете земји ќе продолжи на високо ниво зголемувајќи ја преку искуствата на унгарската влада во европските процеси.

На 6 септември македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски за првпат беше во официјална посета на Будимпешта и се сретна со неговиот унгарски колега Петер Сијарто.

На средбата беше нагласена важноста на пријателството меѓу двете земји изградено врз основа на меѓусебна доверба и поддршка, како во мултилатералните односи, така и во економската соработка, која ќе продолжи да се развива и продлабочува во иднина, со посебен акцент на поддршка на постојните и поттикнување нови инвестиции.

Министерот Муцунски на средбата се заблагодари за целокупната поддршка од Унгарија, вклучително и неодамнешниот заем за нашата држава, како и големата помош при справување со пожарите. Притоа, тој го информираше својот унгарски колега за новите надлежности на министерството, структурирано слично на унгарското министерството со кое тој раководи.

Ќе имаме ли корист од Орбан за прием во ЕУ?

Како претседавач со ЕУ, Виктор Орбан шест месеци всушност требаше да биде неутрален посредник во Унијата. Спротивното се случува. Конфликтите се заоструваат, а Унгарија сега мора дури и да плати и милионска казна.

Парламентарците и многу влади во ЕУ го критикуваа фактот дека Виктор Орбан презеде самопрогласена мировна мисија во јули за војната во Украина, без да има за тоа мандат во својство на претседател на Советот. Договорите на ЕУ не предвидуваат ова ротирачко претседателство на Советот да врши надворешна политика. Орбан сепак ја злоупотреби улогата за да лета во  Москва, во Пекинг, кај Трамп. 

Орбан не е само во однос на надворешната политика контра од ЕУ. Унгарија опстојува насвојата незаконска процедура за азил и покрај пресудата на Европскиот суд на правдата. Судот во јуни одреди казна од 200 милиони евра и дополнителна дневна казна од еден милион евра против Унгарија. Орбан не сака да плати па затоа еврокомесарот за буџет Јоханес Хан ќе ги наплати парите така што соодветно ќе ги намали исплатите од буџетот на ЕУ за Унгарија.

ЕК и повеќето земји-членки се вежбаат во тивок штрајк против претседателот на Советот. Еврокомесари и министри не одат на состаноците што се одржуваат во Унгарија. Ова никогаш порано не се случувало.

Соња Танеска

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново