Сиљановска-Давкова бара европеизација без историски спорови

Сиљановска

Европеизација без историски спорови е пораката што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја испрати во интервју за МИА, што ќе биде објавено викендов, оценувајќи дека Македонија треба да се концентрира на Копенхашките критериуми, владеењето на правото и европските стандарди, наместо да губи време на историски прашања што, според неа, не припаѓаат во суштината на европската интеграција.

Сиљановска-Давкова вели дека процесот на проширување мора да се темели на вредностите на Европската Унија и на правните критериуми за членство, а не на прашања што задираат во идентитетот. Таа се повикува на европските договори, особено на принципите за достоинство, демократија, владеење на правото, човекови права и почитување на националниот и културниот идентитет.

Во интервјуто, претседателката посочува дека европскиот конституционализам не може да опстои ако Унијата не ги почитува сопствените вредности. Според неа, членот 4 став 2 од Договорот за ЕУ има особена важност за македонскиот случај, бидејќи ја содржи таканаречената клаузула за национален идентитет и обврската на Унијата да ги почитува уставните и политичките структури на државите.

Таа го отвора и прашањето за Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, оценувајќи дека неговата суштина треба да биде соработка, поддршка и отворање на патот кон ЕУ, а не блокади и вето. Со тоа, Сиљановска-Давкова ја враќа дебатата кон основниот спор: дали европскиот пат на Македонија треба да се мери преку реформи или преку историски и идентитетски условувања.

Посебно место во интервјуто има прашањето за уставните измени. Претседателката потсетува дека Уставот досега бил менуван 36 пати и оценува дека проблемот со македонското членство во ЕУ не е самиот Устав. Според неа, честите уставни интервенции, најчесто под влијание однадвор, го отвораат прашањето дали суверенитетот навистина извира од граѓаните или се претвора во простор под постојан меѓународен притисок.

Сиљановска-Давкова предупредува и на ризикот од уставен релативизам и уставен нихилизам, односно од однос кон Уставот како кон документ што може постојано да се отвора под надворешни барања. Таа ја поставува дилемата дали највисокиот правен акт треба да остане општествен договор меѓу граѓаните или инструмент за решавање политички блокади.

Изјавата доаѓа во период кога Брисел повторно испраќа пораки дека договорените уставни измени се неопходниот следен чекор за формално отворање на пристапните преговори. Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта при посетата на Скопје порача дека тие измени остануваат единствениот пат за отклучување на преговарачкиот процес.

Токму тука се судираат двете линии на македонската евроинтеграциска дебата. Европските институции инсистираат дека договорената рамка мора да се исполни, додека претседателката бара европеизација што ќе се темели на Копенхашките критериуми, а не на историски прашања и идентитетски притисоци.

Во политичка смисла, интервјуто ја заострува позицијата на претседателката во момент кога уставните измени повторно се враќаат како главна пречка за продолжување на преговорите. Нејзината порака е дека Македонија треба да се подготвува за ЕУ преку реформи, институции и правна усогласеност, но без процесот да се претвори во постојано отворање на историски и идентитетски теми.

Најчитано