„Не очекувајте јавно да му се спротивставам на господинот Мицкоски. Тој лидер на политичка партија. Тие разговараат и преговараат, а граѓаните гласаат“, рече кандидатката за претседател, Гордана Сиљановска-Давкова на дуелот на ТВ Телма, запрашана за калкулациите за гласови кои ги прави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во пресрет на вториот круг од претседателските избори.
Таа додаде дека никој не може да им оневозможи на партиите да разговараат и преговараат.
На ваквиот став на Сиљановска се спротивстави претседателот Стево Пендаровски, кој рече дека единствениот легитимен начин е да се мотивираат гласачите со својата програма и концепт.
„Јас се надевам дека ќе ги мотивирам да ме гласаат и тоа е единствениот легитимен начин. Јас да ги убедам, а не да одам од партија до партија, од лидер до лидер. Лидерските договарања не придонесуваат за демократијата во Македонија“, истакна Пендаровски.
Претседателот додаде дека има драстична разлика во пристапот, бидејќи трката е за претседател, кој треба да биде независен од било кои центри на политичка или економска моќ.
„Собиравме потписи за да покажеме граѓанска компонента, но Сиљановска ги отфрли тие граѓански потписи и отиде само со потписи од пратеници. Затоа сосема е логично партискиот лидер, со другите партиски лидери сега договара дополнителна поддршка, бидејќи не е граѓански поддржана, па логично е партискиот лидер да ги прави партиските договарања“, рече Пендаровски.