Силна експлозија пред филијала на банка во солунската населба Евосмос предизвика значителна материјална штета на околните објекти и на повеќе паркирани возила, јави дописничката на МИА од Атина.
Според првичните информации, во инцидентот нема повредени лица. Експлозијата се случила во текот на ноќта, без претходен предупредувачки повик или какво било друго известување до надлежните служби.
Државната телевизија ЕРТ објави дека детонацијата била исклучително силна и се слушнала на оддалеченост поголема од еден километар. Најмалку седум паркирани автомобили, како и неколку објекти во непосредна близина на банката, претрпеле материјална штета.
На местото на настанот интервенирале полициски екипи и специјализираниот оддел за деактивирање на експлозивни направи на грчката полиција, кои спроведуваат истрага за утврдување на причините и околностите на експлозијата.
Засега нема официјални информации за можни осомничени или мотиви, а истрагата е во тек.