Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Синдикати ги тужат Трамп и Рубио поради УСАИД

Два синдикати што ги претставуваат вработените во Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) денеска го тужеа американскиот претседател Доналд Трамп, американскиот државен секретар и министерот за финансии затоа што, како што тврдат, неуставно се обидуваат да ја укинат оваа над 60-годишна хуманитарна агенција, основана од Конгресот, пренесе Бета повикувајќи се на светски медиуми.

Како што изјавија повеќе извори за Си-Ен-Ен, се очекува помалку од 300 вработени да ги задржат своите работни места, додека безброј други или ќе бидат на отсуство до понатамошно известување или едноставно ќе бидат отпуштени. Ова е огромно намалување на работната сила, објавено преку е-пошта и се очекува да стапи во сила вечерва.

Тужбата, исто така, е насочена кон одлуката на администрацијата на Трамп да ја замрзне речиси целата помош за странство-потег што речиси ги запре клучните хуманитарни операции ширум светот и доведе до замрзнување на статусот или отпуштање на илјадници луѓе ангажирани на тие работни места.

Тужбата беше поднесена до федералниот суд во Вашингтон од организациите Democracy Forward и Public Citizen Litigating Group во име на Американската федерација на владини службеници (AFGE) и Американската асоцијација на вработени во надворешни служби (AFSA).

Како што јави Би-Би-Си, во тужбата се тврди дека Трамп го прекршил американскиот Устав и федералниот закон со обидот да расформира агенција формирана од американскиот Конгрес.

– Ниту една акција преземена од обвинетиот за распуштање на УСАИД немаше одобрение од Конгресот, се наведува во тужбата и се додава: „Според федералните регулативи, Конгресот е единствениот ентитет што може законски да ја распушти агенцијата“.

Од судот се бара да се назначи независен вршител на должноста директор да раководи со УСАИД, да се отворат зградите на УСАИД за вработените, да се врати интернет страницата на УСАИД, да се вратат проектите за грантови и договорите и да се укине задолжителната евакуација на персоналот надвор од САД.

Од судот исто така се бара веднаш да го запре спроведувањето на планот за „задушување“ на УСАИД, кое, според обвинителите, го води милијардерот Илон Маск, поради итната потреба за обновување на хуманитарните програми.

Зачлени се на нашиот е-билтен