Сириското Министерство за внатрешни работи денес го потврди апсењето на пет лица осомничени за поврзаност со нападот врз американските и сириските војници во Палмира, во кој беа убиени двајца американски војници и еден цивилен преведувач, пишува Ројтерс.
Според официјалната сириска новинска агенција САНА, американските војници биле под оган за време на заедничка патрола со сириските сили во централна Сирија. Поради инцидентот, сообраќајот на автопатот помеѓу Деир Езор и Дамаск бил запрен, а американските борбени авиони биле видени на небото.

„Американски хеликоптери интервенирале за да ги евакуираат ранетите во базата Ал-Танф по инцидентот со пукањето“, објави САНА, осврнувајќи се на американската база во источна Сирија долж границата со Ирак.
Трамп ја обвини ИСИС
Претседателот на САД, Доналд Трамп, директно ја обвини терористичката група Исламска држава за нападот и го најави одговорот на САД. „Ова е напад на ИСИС“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа. „Војници беа убиени во заседа извршена од ИСИС, а уште тројца нивни другари беа ранети во нападот.
Жалиме за загубата, ова се одлични, тројца одлични луѓе. И едноставно ужасна работа.“ Трамп, исто така, истакна дека Сирија е на иста страна во оваа борба. „Ова беше напад на ИСИС врз нас и Сирија. Многу, многу тажно“, рече тој. Кога еден новинар го праша дали САД ќе возвратат на ИСИС, тој беше јасен. „Да, ќе возвратиме.“