Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

СИРИЗА и ПАСОК најавија промена на лидерите за успешна трка за втората позиција зад Неа Демократија

Двете најголеми грчки опозициски партии СИРИЗА и ПАСОК, кои според истражувањата на јавното мислење во Грција водат трка за втората позиција, зад владејачката Нова демократија, во следниот период ќе бираат нови партиски лидери, јави дописничката на МИА од Атина.

Изборите во ПАСОК беа најавени кон крајот на јуни по европските избори и ќе се одржат на 6 и 13 октомври, додека пак во СИРИЗА дополнително ќе биде соопштен датумот на одржување, откако вчера Централниот комитет на партијата му изгласа недоверба на лидерот Стефанос Каселакис.

Ако не бев европратеник, заедно со мене и целиот грчки народ немаше да ги дознаеме парадржавните методи што ги користи актуелната Влада, вели лидерот на ПАСОК-КИНАЛ Никос Андрулакис и додава

Во социјалистичката партија, која неодамна прослави 50 години постоење, за еден месец ќе одберат нов лидер или ќе му дадат нов мандат на актуелниот претседател Никос Андрулакис, а кандидирани се седум членови, кои до 21 часот вечерва ќе треба да ги достават кандидатурите со собрани најмалку 5.000 потписи или поддршка од 15 отсто од Централниот комитет на партијата.

За лидерската позиција во ПАСОК, освен актуелниот претседател, се борат и градоначалникот на Атина Харис Дукас кој победи на ланските локални избори, поранешната еврокомесарка Ана Диамантопулу, поранешниот министер Павлос Геруланос, поранешниот претседател на пратеничката група Михалис Катринис, пратеничката Надиа Јанакопулу, членот на партијата Јанис Канелакис.

Претходните избори во ПАСОК се одржаа во декември 2021 година, а откако актуелниот лидер пред евроизборите како цел постави партијата да биде на втората позиција, цел што не беше постигната и партијата остана зад СИРИЗА, Андрулакис се соочи со силни критики од неговите сопартијци, а од состанокот на централниот комитет на крајот на јуни предложи изборите за претседател на партијата да се одржат на 6 октомври, а вториот круг доколку е потребно, да биде една седмица подоцна. 

На парламентарните избори во јуни минатата година, ПАСОК освои 11,84 отсто од гласовите, а на евроизборите пред три месеци, исто така беше на третата позиција зад СИРИЗА со 12,79 отсто од гласовите. 

Во СИРИЗА, за помалку од една година, одново ќе одбираат претседател, откако вчера, како што објави МИА, Централниот комитет го изгласа предлогот за недоверба на лидерот Стефанос Каселакис.

Следниот викенд во Солун на маргините на Меѓународниот саем, традиционално како и секоја година, непосредно пред затворањето, говор и прес-конференција одржува лидерот на главната опозициска партија и иако веќе беше најавен Каселакис, сепак Централниот комитет одлучил СИРИЗА да ја претставува претседателот на пратеничката група Никос Папас.

Во следните денови се очекува да заседава Политичкиот секретаријат на партијата и да донесе одлука за нов состанок на Централниот комитет за 15 дена. Потоа Централниот комитет ќе одлучува за датумите за вонредниот конгрес на кој ќе бидат објавени кандидатурите за избор на нов претседател на партијата, како и датумот на одржување на изборите. 

Во однос на можните кандидати за лидер на партијата, поранешниот министер Павлос Полакис, кој неодамна беше избришан од СИРИЗА, па повторно вклучен, јавно ја изрази својата намера да биде кандидат, а отворена е можноста да се кандидираат и европратеникот Никос Фарандурис и поранешниот претседател на пратеничката група Сократис Фамелос.

Останува отворено прашањето дали Каселакис одново ќе биде кандидат за претседател.

Стефанос Каселакис беше избран за лидер на СИРИЗА на крајот на септември минатата година и предизвика несогласувања во партијата, по што неколку фракции си заминаа и 11 пратеници избрани од СИРИЗА на изборите во 2023 година ја формираа пратеничката група Нова левица.

На парламентарните избори пред нешто помалку од 15 месеци СИРИЗА освои 17,83 отсто од гласовите додека пак на евроизборите во јуни годинава 14,92 проценти, а и во двата изборни процеси беше на второто место.

За случувањата во опозициските партии, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на вчерашната прес-конференција во рамките на Меѓународниот саем во Солун рече дека е позитивно да постои „алтернативен предлог за управување во државата“, нешто што според него во моментов не постои.

-Очигледно, секогаш е добро за рамнотежата на политичкиот систем во секое време да има алтернативен предлог за владеење. Денес не постои. Мислам дека нема друг предлог за управување со државата, освен оној што го изразува Владата. Може некој да се согласува или да не се согласува, но е структуриран предлог, со почеток, средина и крај, истакна Мицотакис.

Според последното истражување на јавното мислење во Грција објавено минатата седмица Нова демократија останува главна политичка сила во земјата, а ПАСОК успева да ја „симне“ СИРИЗА од втората позиција и добива 10,5 отсто, а зад неа, како трета политичка сила со два проценти помалку е СИРИЗА.

Најново