Со почетокот на грејната сезона, загадувањето на воздухот повторно станува алармантно
Синоќа мерните станици ширум Македонија регистрираа опасно високи нивоа на штетни честички во воздухот, неколкупати над дозволените граници. Најзагаден воздух се измери во делови од Скопје, каде што во населбата Лисиче концентрацијата на ПМ10 честички достигна 197 микрограми на кубен метар, додека ПМ2,5 честичките беа измерени на 118 микрограми – речиси петпати повеќе од препорачаната граница.
Покрај Скопје, меѓу најзагадените градови беа и Гостивар, Кичево, Струмица, Тетово, Велес и Кавадарци. Со падот на температурите, појавата на магла во котлините и зголеменото користење на грејни уреди, Македонија е соочена со уште една зимска сезона во која ќе се „гуши“ во загаден воздух.