Трет ден по разорните земјотреси што во понеделникот на 6 февруари го погодија јужниот дел на Турција, бројот на жртвите се зголемува. Според последните податоци на Управата за вонредни ситуации (АФАД), во земјотресите во Турција загинале 7.108 лица , додека 40.910 се повредени. Во десет турски провинции опустошени од земјотресот во моментов се распоредени 96.670 спасувачи, медицински и друг персонал.
Според податоците на АФАД, поставени се 70.818 семејни шатори со 123.395 кревети и 300.000 ќебиња. Поделени се 512.436 топли оброци, 322.264 порции супа, 490.813 литри вода, 406.040 лебови, 1.314.730 безалкохолни пијалоци, 16.700 чаеви, 151.715 други пијалоци.
Во моментов на теренот има 5.434 возила, вклучувајќи багери, трактори, кранови, камиони, распоредени се 122 авиони и 10 бродови. Воспоставен е воздушен лифт за транспорт на персонал и материјали од Истанбул, Анкара и Измир до погодениот регион.
Континуирано се прават напори за потрага по преживеани во урнатините. Утрово спасувачите успеале да ги извлечат мајката Хатица (46) и нејзините ќерки Елиф (12) и Ајџа Текин (10) од урнатините на петкатната зграда во Адијаман, Турција. Двомесечно бебе било спасено од урнатините во градот Елбистан во Кахраманмарас, дури 48 часа по земјотресот. Во центарот на Кахраманмарас под камените блокови беше извлечено двегодишното момче Микаил.
Скоро 70 земји ширум светот ги понудија своите спасувачки услуги, од кои 5.309 се веќе на терен.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган од утрово е во посета на регионите на југот на земјата.
Разорен земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала ги погоди јужните провинции на Турција и северните погранични региони на Сирија во понеделникот наутро, во 4:17 часот по локално време.
Најмногу настрадаа јужните турски провинции Кахарамнараш, Хатај, Османије, Адијаман, Шанлиурфа, Дијарбакир, Малатија и Адана. Истиот ден, во попладневните часови, во 13 часот и 24 минути по локално време, Турција беше погодена од нов земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала со епицентар во областа Елбистан, исто така во Кахраманмараш.