Центарот на Скопје утре, 8 март, ќе биде под посебен сообраќаен режим со почеток од 12:00 часот поради протестен марш по повод Меѓународниот ден на жената. Полицијата најави привремени затворања на улици и булевари по трасата на движење на поворката, а сообраќајот ќе се пренасочува според моменталната состојба на терен.
Маршот ќе започне пред паркот „Жена Борец“ на улицата „11 Октомври“, потоа ќе продолжи по „Димитрија Чуповски“ и „Даме Груев“, ќе се движи по булеварот „ВМРО“, како и по булеварите „Илинден“ и „Климент Охридски“, па ќе мине по улиците „Ристо Шишков“, „Благоја Страчков“ и „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Поворката е најавено дека ќе заврши кај паркот и спомен-плочата посветена на Вера Јоциќ.
Од СВР Скопје апелираат возачите да ги почитуваат наредбите и упатствата на униформираните полициски службеници, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, како и да планираат алтернативни рути во периодот околу пладне.