ЏАБИР ДЕРАЛА
Да не се помогне на човек во неволја е израз на нечовечност. Ако тоа се направи од позиција на моќ, да не се покренат механизмите на власта дадена од граѓанките и граѓаните, тоа е веќе и нечовечност и злоупотреба.
Градоначалничката на Скопје брзопотезно отпушта луѓе од функции во градските институции, но само кога тоа се однесува на нејзините лични интереси. Ништо повеќе.
Претседателот на Советот на главниот град го одзема или дава микрофонот само кога тоа е согласно со интересите на неговата партија.
Но градот на солидарноста, по апокалиптичниот земјотрес во Туркије и Сирија, останува нем. Читам дека дел од советничките групи веднаш побарале итна седница и дури подготвиле предлог-одлука за помош на настраданите од земјотресот, со конкретен предлог итно да се додели парична помош од 100.000 евра. Но тие во чии раце се лостовите на моќта и административните одлуки – молчат. Бесчувствителност? Нема друг збор за тоа, а да не биде најблаг.
Читам во извештајот на колегата дека веќе утрото по земјотресот, Редакцијата испратила прашање до градоначалничката, за тоа дали и во што ќе се состои хуманитарниот одговор на главниот град. Прашањето точно гласи: „Дали Град Скопје презема некакви активности или иницијативи за помош на турскиот народ и Турција?“ Прашањето е важно, а не е тешко. Но остана без одговор.
На колегиумот, на 6 февруари, разговаравме за тоа што сѐ може да направи градот, освен да испрати парична помош. Спасувачки екипи, медицински персонал, материјали, лекови, пунктови за собирање помош од солидарните луѓе… Безброј нешта може да се направат истиот ден. И да се спасат човечки животи. Да се олесни страдањето на тие што ја преживеале катастрофата. Па на непријател му се нуди помош во ваква неволја, камоли на пријателска земја!
Претседателот Зеленски, лидер на земја во крвава војна за ослободување од рускиот агресор, и министерот за надворешни работи, Кулеба, најдоа време, сили и капацитети да понудат помош на Туркије од Украина. Дали на Данела и нејзината структура (партија) им се толку залепени прстите и устата од медот во кој се потонати, па ништо друго на светот не ги интересира? Прашањето е реторичко.
Не од џебот на Данела и нејзината партија! Не од нивниот „мед“! Туку во име на сите граѓанки и граѓани, жители на Скопје кое е изградено токму од хуманитарна помош по земјотресот во 1963. Читам дека останале без одговор. Не ме изненадува. Троцифрен е бројот на неодговорени прашања од таа структура, само во изминатите 5 години.
Ова не е добро за Скопје и скопјан(к)и. Гадно е. Засрамувачки.
Извор: CivilMedia