Над 700 производи од денеска до 1 октомври граѓаните во Србија ќе може да ги купат во 2.500 продавници во рамки на кампањата „Најдобра цена“, која вклучува прехранбени производи и средства за хигиена по цени што се поповолни и од оние кои се на акција.
– Важни производи кои ја сочинуваат потрошувачката кошничка, а овде зборуваме за производи како што се средства за лична хигиена, прашок за перење, пелени за бебиња, храна за бебиња, сокови, хемикалии за домаќинство, секакви видови храна, јајца, сладолед, овошје, зеленчук, месо и млечни производи, јогурт и млеко. Намалувањето на овие намирници во просек ќе изнесува близу 27 отсто, преточено во обичен речник – граѓаните во домашниот буџет ќе имаат една третина повеќе пари во споредба со претходното купување на овие производи, изјави Томислав Момировиќ, министер за внатрешна и надворешна трговија.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ рече дека преку оваа кампања домаќинствата ќе успеат да заштедат од 8.000 до 22.000 динари месечно.
– Повторувам, немам проблем некој да профитира, туку имам проблем само ако некој создаде екстра профит. Како влада мораме да се грижиме и за граѓаните и за економијата, кои и двете ја сочинуваат средината на една земја. Пред сѐ, треба да се грижиме за граѓаните, за луѓето со помали примања, за пензионерите, за да ја почувствуваат грижата на државата, додаде тој.
Поевтинувањата ќе се движат од седум отсто, колку ќе се намали цената на киселото млеко, до 58 отсто, колку што ќе поевтини прашокот за перење.
На пример, цената на стиснатата шунка ќе се намали од 1.199,99 динари на 799,99 динари, шунка во црево од 829,99 на 599,99 динари, компири од 84,99 на 59,99 динари, сирење од 899,99 на 689 динари.
Цената на килограм пилешко ќе се намали за 15,22 отсто, свинско за 11,57 отсто, јајцата за 13,41 отсто, компирите за 27,65 отсто.
Кога станува збор за средствата за хигиена, детскиот шампон ќе поевтини за 34,87 отсто, пелените за бебиња за 28,64 отсто, а пакувањето од две четкички за заби за 33,17 отсто.
Со акцијата вклучена е и сувата храна за домашни миленици, која ќе поевтини за 30 отсто, па седум килограми храна за кучиња наместо 999,99 динари ќе чинат 699,99 динари.
Денешниот курс на динарот според НБС за евра изнесува 117,02динари.