Минималната синдикална кошница за декември 2024 година изнесува 62.861 денари, што е за 840 денари повисоко отколку во ноември, кога изнесуваше 62.021 денари. За домаќинства кои изнајмуваат стан од 60 квадратни метри, оваа кошница достигнува 78.236 денари, објави Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Според пресметката на ССМ, за едно четиричлено семејство минималната кошница за храна и пијалаци изнесува 23.075 денари, што сочинува 36,7% од вкупната вредност на кошницата. За облека и обувки потребни се 5.728 денари (9,1%), за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.020 денари (9,6%), а за лична хигиена и одржување на домот 2.087 денари (3,3%). За здравје се издвојуваат 1.135 денари (1,8%), за транспорт 4.727 денари (7,5%), за комуникации 3.417 денари (5,4%), за рекреација и култура 4.458 денари (7,1%), за образование 6.984 денари (11,1%), за ресторани и хотели 4.131 денар (6,6%), и за други стоки и услуги 1.100 денари (1,7%).
Сојузот на синдикатите на Македонија бара продолжување на мерките за намалување на цените и ограничување на маржите, како и воведување на нови мерки без претходна најава за трговците, за да се спречат злоупотребите со цените.
Сојузот исто така изразува загриженост поради зголемувањето на цените од страна на трговците пред последната акција за намалување на цените, што довело до зголемување на вредноста на синдикалната кошница за храна и пијалаци за 397 денари, наместо да се намали за најмалку 10%.