Стано: ЕУ нема да одбие рационална понуда од Москва за соработка во борбата против тероризмот

Европската Унија е подготвена на соработка во борбата против тероризмот со Русија, доколку добие предлог за тоа базиран на рационална основа и на почитување на меѓународните правила, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано. 

Во одговор на новинарско прашање за евентуалната можност за некаква соработка меѓу ЕУ и Русија за борба против тероризам по терористичките напади во Москва, Стано потсети дека по стартот на руската агресија врз Украина, Унијата ја суспендира сета соработка со Русија поради нејзино непочитување на меѓународното и хуманитарното право и на Повелбата на ОН. 

– Сепак, ние бевме многу јасни во осудата на она што се случи во Москва. За нас нема сомнеж дека тоа беа терористички напади. Ако Москва излезе со предлог, кој има рационална основа и се базира на почитување на меѓународните правила, Европската Унија нема да рече „Не“. Но, во овој момент ние се соочуваме со режим кој ја вовлече и ја држи земјата во илегална војна и режим кој го репресира своето население со голем број мерки, па затоа би било тешко да се замили која би била основата на таа соработка, изјави Стано, додавајќи дека ЕУ е еден од најодговорните меѓународни партнери кога станува збор за соработка во борбата против тероризмот. 

Тој потенцира дека оваа не се први терористички напади на територија на Русија и ниту еден од нив не бил расчистен со соодветна истрага.  

– Тоа отвора многу прашања во врска со однесувањето на властите, додаде Стано. 

Тој истакна и дека ЕУ ја повикува Владата на Русија да не ги користи терористичките напади во Москва како изговор за засилување на илегалната агресија врз Украина или за зголемување на внатрешната репресија во земјата. 

Според него, ЕУ изразува и загриженост поради обидите на претставници на режимот во Москва да ги поврзат двата терористички напади со Украина и целосно ги отфрла таквите тврдења. 

– Нема никакви индикации, никаков доказ или што и да е друго, што би укажало дека Украина е поврзана со нападите на кој било начин, додаде Стано. 

Во врска со евентуалното зголемување на нивото на безбедносна закана во ЕУ како реакција на нападите, портпаролот на ЕК за правда, еднаквост и владеење на правото Кристијан Виганд изјави дека безбедноста на Европа е приоритет за Европската комисија и дека таа презела повеќе мерки за зајакнување на сигурноста, но дека носењето одлука за подигнување на степенот на безбедносна закана е во ингеренција на земјите членки, што некои од нив веќе и го сториле. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира