Според Андреја Стојковски, извршен директор на Преспа институтот, секоја анкета оперира со стандардна маргина на грешка. Тоа значи дека добиениот резултат на анкетата би можел да биде во распон од + до минус 2, 2.5, 3 или дури 3.5%
„Ова е стандард за секоја анкета и тука нема никаков проблем. Проблемот настанува ако анкетите ги земаме за веродостоен резултат, каков што не може да бидат. Единствената точна анкета е изборниот ден. Проблемот настанува кога анкетите се претставуваат како веродостоен резултат, односно кога истите се насочуваат кон некого, конечно, кога отстапуваат драстично од точниот резултат,“ вели Стојковски во интервју за „Локално“.
Тој информира дека во институтот ПРЕСПА е разработен компјутерски модел кој ги следи и анализира постапувањата на политичките партии и на граѓаните, ЕлектоМетар, како и Политички извештај на ПРЕСПА преку кој се гледаат повеќе серијали на резултати со кои се анализираат нивните ефекти.
„Во Политичкиот извештај ги зедовме повеќето јавно достапни анкети од 2013 година до денес. Располагаме со некои 20 сетови и резултати за популарност на партиите, од повеќе агенции, според кои сите се фалат или се фалеле пред противниците. Анализирајќи ги овие анкети со резултатите од најблискиот изборен ден, утврдивме дека сите имаат отстапување од резултатот помеѓу 5%-25%. Ваквото отстапување е сериозно, може да изненади многумина, а секако не може да се користи како основа за предвидување на изборните резултати. Колку што разбирам јас, тие меѓутоа не ги користат анкетите за предвидување на изборните резултати, туку за сериозно влијание врз изборниот процес и однесувањето на гласачите,“ вели Стојковски.
Според него, отстапувањето не е страшно, дури и тогаш кога изнесува 25% од реалниот резултат. Опасно е ако анкетите и резултатите покажуваат пристрасност кон одредена политичка партија.
„Утврдувањето на пристрасноста на поранешните анкети е наша следна задача. Тоа сакаме да го направиме за да утврдиме кон кого постои пристрасност, дали тоа е тренд или пак поединечна активност на агенцијата и да развиеме модел за пресметка според кој ќе можеме да ги поправиме анкетните резултати на секоја од следените агенции, анализира извршниот директор на Преспа институтот.