Ревизија на ТИРЗ за 2024 година завршува со најтешката можна порака од државните ревизори: неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и усогласеноста со законите за сметката на основниот буџет (637), а „мислење со резерва“ за самофинансирачките активности (787). Во таква рамка, бројката што најсилно ја опишува сликата е речиси 69 милиони евра – инвестиции што сè уште се водат како „материјални средства во подготовка“, без амортизација, иако во најголем дел се користат.
Во превод, државата градела и пуштала инфраструктура, но финансискиот запис останал „на пауза“, затоа што не се исполнети условите и законските решенија за одобренија за употреба. Таа празнина не е само сметководствена. Таа создава простор за погрешен приказ на состојбата, за неизмерени трошоци и за одложена одговорност, токму во сегментот што треба да ја носи политиката за странски инвестиции со најстроги стандарди.
Паралелно, ревизијата покажува колку е „скапо“ празното. Според ДЗР, 287 хектари од корисната површина на ТИРЗ и индустриските зони не се функционално искористени и не се дадени под закуп, додека седум од 16-те зони, на 203,5 хектари, и една индустриска зона од 3,2 хектари воопшто не се ставени во функција. Во зоните што не се ставени во функција, од 2009 до 2023 година се реализирани инвестиции од 143,4 милиони денари (околу 2,3 милиони евра) – средства што остануваат врзани за простор без корисници и без поврат.
Кога „дивата лига“ се спомнува во јавноста, најчесто се мисли на управување без свирче и без правила. Ревизорските наоди за јавните набавки се токму таму. За објекти во повеќе зони (Скопје 1, Скопје 2, Штип и Прилеп), по принцип „клуч на рака“, во 2023 година е склучен договор од 1,7818 милијарди денари со ДДВ (28,97 милиони евра). ДЗР наведува дека набавката била планирана и спроведена без претходна анализа на трошоци и придобивки, без физибилити студија и без изработена проектна документација со предмер и пресметки, и дека проценетата вредност е утврдена без целосни и веродостојни анализи, исклучиво врз основа на ценовник за инженерски услуги. Исплатен е и аванс од 20% (302 милиони денари, околу 4,91 милион евра), а во јули 2025 година ДТИРЗ доставила информација до Владата за потреба од спогодбено раскинување на договорот.
Сличен шаблон се појавува и кај изградбата на административен објект во ТИРЗ Штип, со договор од 212,4 милиони денари со ДДВ (3,47 милиони евра). Ревизијата нотира анекс за дополнителни и непредвидени работи поради недоволно прецизна проектна документација, а потпорниот ѕид и пристапната улица не биле опфатени со проектот за кој е издадено одобрение за градење. Посочено е и дека изведувачот започнал набавка и монтажа на пречистителна станица без претходно одобрение за измени во тек на градба.
Ревизијата влегува и во „меките“ трошоци што често се правдаат со потребата од промоција и нови модели. За јавно-приватно партнерство за ТИРЗ Гевгелија е склучен договор за консултантски услуги од 39,044 милиони денари (634.832 евра), продолжуван со анекс; ДЗР наведува дека поради ограничувачки и дискриминаторски критериуми била доставена само една понуда, а двата јавни повици за избор на партнер (2023 и 2024) биле поништени поради немање понуди. И покрај тоа, договорот е реализиран 85% (33,088 милиони денари), додека клучните активности не се реализирани. Во маркетингот и промотивните материјали, рамковната спогодба од 15,34 милиони денари е зголемена на 18,29 милиони денари (раст од 19%), со преземени обврски од 16,862 милиони денари, а ревизијата наведува преклопување со постоечкиот сектор и отсуство на индикатори за мерење ефект.
На крајот, финансискиот ризик не е само во тоа што е потрошено, туку и во тоа што може да дојде на наплата. Во евиденцијата се водат 39,655 милиони денари обврски по задржан депозит од минати години, бидејќи инфраструктурата се гради фазно и без одобренија за употреба, па депозитите не се враќаат, со реален ризик од судски постапки. Посебно е нотирана и исплата на депозит од 7,181 милиони денари по договор за закуп од јануари 2024, за кој и по судска постапка не е вратен до денот на известување на ревизијата.
Во исто време, на веб-страницата на Дирекцијата постои секција „Информации од јавен карактер“ во која се наведуваат „ревизорски извештаи“ и документи за повеќе периоди, вклучително и за 2022–2024, што формално ја покажува рамката на проактивна транспарентност. Прашањето што останува отворено е колку таа рамка реално помага да се спречат истите слабости да се повторуваат во циклуси: од планирање без тригодишна инвестициона програма, преку набавки без студии, до депозити што се таложат како потенцијални тужби.