Штипската јавност е потресена по синоќешниот крвав инцидент, во кој 54-годишниот С.З., поранешен познат угостител, ја уби својата 84-годишна мајка во семејниот дом. Според информациите на штипската телевизија „Стар“, осомничениот бил регистриран како хроничен алкохоличар и зависник од коцка, со долга историја на конфликти и финансиски притисоци врз најблиските.
Од МВР потврдија дека трагедијата се случила на 8 август 2025 година, околу 02:00 часот по полноќ. Осомничениот, вооружен со остар предмет, ѝ нанел смртоносна убодна рана на својата мајка. Лекарите од Итната медицинска помош само ја констатирале нејзината смрт, а телото било предадено на обдукција по наредба на јавен обвинител.
Полицијата извршила увид на местото на злосторството, под раководство на Јавното обвинителство во Штип, при што оружјето на злосторството било пронајдено и одземено. С.З. бил уапсен во 04:15 часот и ќе се соочи со кривична пријава по итна постапка за убиство според член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
Според локалните медиуми, пред да западне во алкохолна и коцкарска зависност, С.З. бил респектиран угостител во Штип, но последните години бил познат по агресивно однесување и постојани барања за пари од роднините.