Труење во РЕК Битола за само неколку часа ја претвори првичната смирувачка верзија на комбинатот во многу посериозна слика, откако од „не е масовно“ и четири до пет лица што побарале помош, бројката стигна до 81 вработен со стомачни проблеми, повраќање и температура кои до 15 часот побарале лекарска помош во Клиничката болница во Битола. Најголем дел биле пуштени на домашно лекување, а едно лице било упатено на понатамошна терапија.
Првичната реакција од ЕСМ Молика, пренесена и од битолскиот локален медиум АПЛА, беше дека не станува збор за масовен случај и дека засега не може сигурно да се утврди дали причината е храна или вирусна инфекција. Во истото соопштение се наведуваше и дека кујната редовно зема мостри од храната, но и дека не може да се утврди дали сите засегнати ја консумирале истата храна, кога ја подигнале и како ја чувале по преземањето.
Но, подоцнежните информации и од други локални медиуми покажаа дека приказната брзо излегува од рамката на „неколку случаи“. По првичните четири работници, во текот на денот уште триесетина лица од рудникот побарале лекарска помош, а подоцна инфектологот Хараламбос Сидиропулос соопшти дека на одделението се јавиле вкупно 81 лице, сите со слична клиничка слика, при што како причина навеле консумирање лазањи со сос во кујната на РЕК Битола.
Токму тука е и најнепријатниот дел за раководството: не само што остана отворено прашањето што навистина јаделе работниците и каде настанал проблемот, туку уште на стартот јавноста доби порака што звучеше како минимизирање. А кога за еден ден бројката расте од пет до 81 лице на преглед, проблемот веќе не е само дали станува збор за храна или вирус, туку и зошто системот повторно прво се брани, па дури потоа објаснува.