Претставници на турската туристичка индустрија предлагаат да се преразгледа системот „ол инклузив“ (all inclusive) во некои хотели. Во вакви случаи се предвидува туристите да можат да бираат за која храна и пијалоци ќе платат, пишува турскиот весник „Туризам газетеси“.
Генерално, на многу места ќе остане системот „ол инклузив“.
Шефот на Медитеранската асоцијација на хотелиери и тур-оператори (АКТОВ) Каан Чавалоглу ја потенцираше неопходноста од оваа иницијатива со зголемените трошоци во однос на сложената економска ситуација во Турција, како и со создавањето на нови видови услуги со пониски цени за туристите.
Предложениот модел, условно наречен „плати онолку колку што користиш“, првенствено е насочен кон безалкохолната верзија на „ол инклузив“.
Во Турција има хотели со безалкохолен „ол инклузив“ систем, а во последните години се продаваат многу вакви пакети, вклучително и на рускиот пазар. Овој тип на пакети е главно ориентиран кон семејни одмори.
Според туроператорите, одморите во Турција со безалкохолна верзија на системот „ол инклузив“ се седум до десет отсто поевтини од вообичаеното. Сè уште не е јасно колку поекономичен ќе биде форматот „плати толку колку ќе искористиш“ во споредба со традиционалните пакети.