Борбата со големиот шумски пожар во округот Којџегиз, покраината Мугла, продолжува и денес, откако огнената стихија што избувна во саботата се шири под влијание на силни ветрови.
Во гаснењето се вклучени 147 цистерни, 123 возила, 20 машини и 949 пожарникари, а од воздух помагаат 10 авиони и 14 хеликоптери, јави Анадолу.
Најмалку 230 домаќинства се евакуирани, уништени се две згради, а 20 лица се повредени, од кои едно е хоспитализирано.
Покрај овој пожар, серија други огнени стихии го зафатија регионот. Во округот Аксу во Анталија пожарот беше ставен под контрола, но како превентивна мерка беа евакуирани гости од повеќе хотели. Се верува дека пожарот е предизвикан од запалување земјоделски отпад, а гувернерот на Анталија Хулуси Шахин предупреди дека „една искра, отпушок или запален отпад може да предизвика катастрофа“.
Шумски пожари се пријавени и во близина на Аланија, каде што беа евакуирани 150 домови, како и во покраините Ајдин и Мугла.
Според Генералниот директорат за шумарство, во гаснењето во моментов учествуваат 14 авиони, 20 хеликоптери и повеќе од 800 лица.