Турнејата на Меси низ Индија започна со хаос и разочарани навивачи

Турнејата на Лионел Меси низ Индија, најавувана како голем спортски и шоу-бизнес настан, започна во хаотична атмосфера на стадионот „Солт Лејк“ во Калкута. Дел од навивачите ја искажаа својата лутина со кршење и фрлање седишта на теренот, поради тоа што, според нив, биле излажани за тоа што ќе го видат и доживеат од аргентинската ѕвезда и член на Интер Мајами.

Меси е во Индија како дел од турнеја во рамки на која треба да се појавува на концерти, младински фудбалски клиники, турнир во падел и добротворни настани во Калкута, Хајдерабад, Мумбаи и Делхи. Организаторите го претставија и со 20-метарска статуа со неговиот лик на стадионот, како симбол на честта што градот му ја оддава на светскиот шампион од 2022 година.

Но, наместо еуфорија, дел од публиката доживеа фрустрација. Според индиските медиуми, Меси само накратко прошетал по теренот, мавтал кон трибините, постојано опкружен со голема група организатори и официјални лица, а потоа си заминал само дваесетина минути по пристигнувањето. Еден од револтираните навивачи за локалните медиуми изјави дека платиле по околу 100 фунти за билет, а не успеале ниту јасно да го видат лицето на својот идол, што дополнително ја распалило тензијата на трибините.

Инцидентот предизвика реакција и од политичко ниво. Главниот министер на индиската држава Западен Бенгал, Мамата Банерџи, јавно се извини до Меси, до спортските љубители и до неговите фанови, оценувајќи дека на стадионот имало сериозно лошо управување со настанот и најави истрага за да се утврди одговорноста за организацискиот хаос.

Калкута и претходно знаела да приреди спектакуларни добредојди за фудбалски легенди – Диего Марадона два пати го посетил градот, а во 2017 година лично откри статуа на која го држи трофејот од Светското првенство пред илјадници воодушевени фанови. Овојпат, наместо славење и романтична фудбалска приказна, почетокот на турнејата на Меси ќе остане запаметен по гневните навивачи и прашањата за тоа како се организираат ваквите спектакли кога во центарот на вниманието е една од најголемите спортски ѕвезди на планетата.

Зачлени се на нашиот е-билтен