УЈП ги чешла издавачите на апартмани

Управата за јавни приходи почна засилени контроли во туристичките места, насочени кон физичките лица што краткотрајно издаваат апартмани, станови, куќи, викендички и соби.

Контролите ќе се спроведуваат врз основа на анализи на ризик, директна комуникација со даночните обврзници и размена на информации со државните и локалните институции. Во фокусот ќе бидат и другите сезонски дејности поврзани со туризмот.

УЈП потсетува дека секој приход од издавање сместувачки капацитет подлежи на оданочување. Даночната стапка изнесува 10 отсто, а даночната основа е бруто-приходот намален за нормирани трошоци од 10 отсто, односно 15 отсто кога се издава опремен станбен или деловен простор.

Кога сместувањето се издава на физичко лице за период пократок од 31 ден, приходот треба да се пријави преку електронска пресметка е-ППД најдоцна до 10-ти во следниот месец. За секој остварен приход се поднесува посебна пресметка.

За непријавување на приходот во законскиот рок е предвидена глоба од 50 до 250 евра во денарска противвредност. УЈП најавува дека контролите ќе продолжат во текот на летната сезона, со цел да се спречи нелојалната конкуренција кон регистрираните издавачи кои редовно плаќаат данок.

Најчитано