Претседателот Володимир Зеленски ја пофали тековната антикорупциска акција како „движење кон правдата“ откако украинските власти извршија рација и претресоа повеќе локации поврзани со актуелни и минати членови на Владата на Украина, пренесе Вашингтон пост.
-Денес е плоден ден за нашата земја – плоден ден во соочувањето со оние кои се обидуваат да ја ослабат Украина, рече тој во своето ноќно обраќање.
Притисокот доаѓа само неколку дена пред закажаниот самит во Кијив меѓу Украина и Европската унија, за време на обидот Украина да стане полноправна членка на унијата.
Украинските власти во средата извршија рација и претресоа повеќе локации, вклучително и домот на олигархот Ихор Коломојски, домот на поранешниот министер за внатрешни работи во Украина, Арсен Аваков, како и во некои градежни компании во Кијив. Според Зеленски, некои високи владини функционери беа сменети.
Клучни случувања
Поранешниот шеф за набавки во украинското Министерство за одбрана беше обвинет за проневера за наводно купување на речиси 3.000 панцири со несоодветен квалитет за повеќе од 2,7 милиони долари, се вели во соопштението на Службата за безбедност на Украина. Истрагите претходеа на Самитот со ЕУ, кој треба да се одржи утре.
Русија може да започне офанзива на или околу 24 февруари, годишнината од почетокот на руската инвазија минатата година, изјави украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников за француската телевизиска мрежа БФМ. Украинските власти се сомневаат дека Москва можеби собрала стотици илјади војници за потенцијалниот напад. Забелешките се совпаѓаат со оценката на украинските разузнавачи дека Украина е во пресрет на активна фаза на фронтот.
Ажурирања на бојното поле
Најмалку три лица загинаа во Краматорск во ракетен напад врз станбена зграда, соопштија украинските власти рано во четвртокот. Зградата е „целосно уништена“ од руски проектил, изјави гувернерот на регионот Доњецк Павло Кириленко, додавајќи дека спасувачите трагаат по преживеани во урнатините.
Франција ја снабдува Украина со радарски системи за противвоздушна одбрана за следење на проектили и беспилотни летала што доаѓаат во областа околу Кијив.
-Овој радар ќе биде цреша на тортата, рече Резников на церемонијата на предавање во северна Франција, каде што се произведува опремата, пренесува Вашингтон пост.
Американскиот производител на беспилотни летала и нуди на Украина два авиони за 1 долар. „General Atomics Aeronautical Systems“, производителот на вооружени беспилотни летала, соопшти дека понудил два од своите тренинг авиони на продажба за симболична цена од 1 долар. САД обезбедија мали беспилотни летала, но понудените видови се поголеми и можат да бидат вооружени со проектили.
Глобално влијание
Соединетите Американски Држави ќе префрлат 135 милиони долари од Инвестицискиот фонд на САД Русија, ентитет на американската влада основан за зајакнување на приватниот сектор во Русија по Студената војна, за да го поддржат економското закрепнување во Украина и соседна Молдавија, соопшти во средата Американската агенција за меѓународен развој.
Дополнителни 18 милиони долари од фондот ќе бидат насочени кон руските активисти за човекови права, независните медиуми и продемократските групи, соопшти УСАИД. Инвестицискиот фонд на САД Русија остана главно неискористен во изминатите десетина години.
Висок украински пратеник го повика Вашингтон да воведе санкции кон Кина и Индија доколку двете земји продолжат да купуваат руска енергија.
-САД можат и треба да ја одвратат Кина да и помогне на Русија и по можност да воведат секундарни санкции за да ја спречат Кина да ја финансира руската економија и руската воена машина со купување руска нафта и гас, изјави Олександр Мережко за новинарите, пренесува агенцијата Франс прес.
Од дописниците на Вашингтон пост
Украина започна истрага за корупција пред Самитот со ЕУ, отпушти функционери и спроведе претреси на цели од висок профил во средата како дел од масовната антикорупциска кампања, пишуваат Дејвид Л. Стерн и Клер Паркер од Вашингтон пост.
Истрагите вклучуваат актуелни и поранешни функционери во министерствата за одбрана и енергетика и даночната служба, меѓу другото, за проневера и други незаконски активности. Целото раководство на царинската служба на земјата беше разрешено.
-Денешните случаи на корупција против највисоките функционери се само почеток, рече Олексеј Сухачев, директор на Државното биро за истраги, пренесе Вашингтон пост.
Подготви: А. Р.
Извор Фронтлајн