Владата донесе одлука со којашто утрешниот ден, 13-ти февруари, понеделник, е прогласен за Ден на жалост на Република Северна Македонија.
Одлуката е донесена како израз на солидарност и почит за големиот број загубени човечки животи предизвикани од катастрофалниот земјотрес што се случи во Република Турција и во Арапската Република Сирија, на 6-ти февруари 2023 година, информира владината прес-служба.
За време на утрешниот Ден на жалост, знамето на Република Северна Македонија, ќе биде истакнато на половина копје, во нашата држава и пред дипломатско-конзуларните претставништва во странство.
На почетокот на владината седница е оддадена почит за жртвите во катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија.
Владата на Република Северна Македонија изразува длабоко сочувство за загубите, до целиот турски народ и до блиските на настраданите во земјотресот во Турција и Сирија, стои во соопштението.
Управата за управување со катастрофи и вонредни состојби на турската влада (АФАД) денеска соопшти дека бројот на загинати во Турција се искачи на 29 605. Според оваа служба, повеќе од 92 600 луѓе се повредени.