Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ванковска посакува тоталитарност, да ги снема проверувачите на факти, тие ѝ пречат

Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА

Мисломер за „Вистиномерите” на проф. Ванковска: Професор на Филозофскиот факултет на УКИМ во колумна се бори за варијанти на вистина – некој да ми кажуваше ќе мислев дека злонамерно зборува.

Вистината не била еднозначна! Каква катастрофална, несовесна, неетичка, плитка и назадувачка насока на есејот што весникот ѝ го објавил!

Наместо кон рационалната мисла, универзитетски професор на УКИМ се стреми кон спротивното!

Наместо да каже дека вистината е идеализиран, недофатлив концепт кон кој секогаш треба да се стремиме ако сакаме развој и напредок и дека обидите во таа насока се секогаш добри бидејќи се зајакнува ОБЈЕКТИВНОСТА, докажувањата засновани на факти, отстранувањето на пристрасностите (bias), таа, со некој неакадемски инает инсистира дека имало повеќе вистини и уште меша баби и жаби – Птоломеевиот систем на планетарните движења со расна теорија и сомневања кон документирани историски факти („кој победил во Втората светска војна”?!)

Не може да се меша „вистина” со личен степен на верување. А никој не може да се бори со уверувања ако се спротивни на валидни факти. Прво, тоа што воопшто ѝ се објавува „мислењето” е комплетна спротивност од нејзините тврдења за тоталитарност и повикувања на Орвеловата „1984″. Самата си е парадоксална на себе со самиот факт дека написот е објавен. Всушност, само што се издаде дека посакува тоталитарност, посакува да ги снема проверувачите на факти, тие ѝ пречат! Таа е таа која етикетира во написот, а се жали дека е етикетирана! Ако живееше во тоталитарност, немаше да може да објави! Зошто да нема проверувачи на факти, што ѝ пречело конкретно? Па не може за сѐ да грешат проверувачите на факти! И ако грешат, па нека каже конкретно за што! Нека даде ПРОТИВАРГУМЕНТ, ако има!

Второ, тоа сосила заземање на „угнетена” позиција (а како ја покажува „угнетеноста” е посебно недостојно – се засновува на лош однос со колешка со поинакви уверувања од нејзините!), со цел да стигне до повикување на некомпромитација во „борба за слободата” (леле…), е старо, провидно пропагандно трикче. Од таа позиција бара поддршка, несовесно ги уверува читателите за нејзините уверувања – дека Русите се тапа за пропаганда и медиумско влијание! Има еден куп ФАКТИ дека Русија е далеку од „тапа” за пропаганда и медиумско влијание!

Но, не може да ме уверува дека нејзиното уверување е вистината! Тогаш не зборувај за вистина, зборувај за уверувања! Многу работи се дефинирани и проверливи, многу работи се принципиелно спорни концепти со слаба дефинираност, а сосема друга класа се најдобрите можни теории соодветно на времето!

Птоломеевиот систем не бил „урнат”, какво грозно толкување! Теориите не се уриваат, тие се надополнуваат, прошируваат, реконцептуализираат, никогаш не ни биле „апсолутни вистини”! Една неконзистентност е доволна за концептот да се прошири, но таа не ги „руши” претходно востановените факти за останатите елементи од теоријата!

Се важи насоката на нашето откривање на вистината, а тоа што таа не може да ни се открие целата одеднаш, не значи дека треба да ја трескаме вака од земја и да се придружиме на очигледни невалидни измислици!

Друго, еве, јас не знам кој го пали Достоевски? Но, може ли да исчезне неговото дело заради Путин? Секако дека НЕ! Ова „плашим деците” со инквизиторски слики, ете, црно на бело, потекнува само од неа, а не од непознати, нереференцирани извори!

И на крај, навистина ли единственоста на вистината мора така со понижување да ја испее и тоа да го врзе со песничката за Македонија. Самата си се лаже со фалшлив концепт на „повеќе вистини”, колку што без образложение си тврди по руски списанија колку е „слаба дипломатијата” на сопствената земја и колку „е слабо ОБСЕ”. И уште цитира руска верзија на поговорка за стап со два краја. Македонската верзија е со паричка. Освен ако со „стап” не сака и нешто друго да каже.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново