Британското Министерство за надворешни работи го повика на разговор рускиот амбасадор во Лондон по наводите за сомнителни и злонамерни активности на Русија на територијата на Велика Британија.
„Велика Британија и понатаму е длабоко загрижена поради наводите за руска злонамерна активност на наша почва, како и моделот на однесување на Руската Федерација за спонзорирање на такви активности на територијата на други, суверени држави“, се вели во соопштението.
Велика Британија повика на „итно запирање“ на ваквите активности и рече дека ќе продолжи да работи со сојузниците за одвраќање и одбрана од „спектарот закани кои доаѓаат од Русија“.
Одлуката доаѓа откако Британец беше обвинет за „вршење непријателски активности во Обединетото Кралство во корист на Русија“, соопшти вчера британското обвинителство (ЦПС).
ЦПС наведе дека Дилан Ерл е обвинет според Законот за национална безбедност од 2023 година, што е прв случај на обвинение според оваа законска регулатива.