Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ветија дигитализација, враќаат папирологија, „Пристапот не е дозволен“, пишува на линкот Канцеларија на портпарол на Владата

Новинарите и понатаму реагираат на затвореноста и нетранспарентноста на Владата.

Последната реакција од денеска, 26 септември, доаѓа од Сашка Цветковска, главен уредник на Истражувачката репортерска лабораторија за искуството со Централниот регистер.

„Централен регистер повеќе не прифаќа барања за слободен пристап по електронски пат од новинарите. Со ова се соочивме денеска во ИРЛ. Морало да се оди на шалтер со сите хартии, па да се чека одобрување за вашето барање од директорката. Зошто? Така сакала. Нова директорка, нови правила преку ноќ.  Одличен прв чекор на владата што вети дигитализација“, напиша Цветковска на социјалните мрежи.

Во коментарите на нејзината објава пишува и новинарот на Призма Васко Маглешов, кој објави скришот од сајтот на Владата од кој се гледа дека од 13 јули навака не се објавуваа дневниот ред на седниците на извршната власт.

Ветија дигитализација, а враќаат папирологија, коментираат медиумските реботници.

За ова претходно и новинарите на Радио Слободна Европа објавија исцрпно истражување за транспарентноста и отчетноста на работата на Владата и сумираа:

„По некое сооопштение, необјавени записници од седници, застарени податоци, необјавени имињата на премиерските советници и нивните примања. Ваков е интернет порталот на Владата на ВМРО ДПМНЕ, Вреди и Знам. Портпарол за комуникација со јавноста се уште нема, а битни државнички одлуки не се објавуват“, напишаа колегите од РСЕ.

На интернет порталот на Владата, во делот за премиерските советници табелата е полна со имињата на советниците од претходно и со сумите кои тие ги добивале како надоместок. Актуелниот премиер Христијан Мицкоски до сега не се охрабри да открие кој ќе го советува во неговиот кабинет и колку пари зема за тоа.

За новинарите е особено важен делот на Медија центарот на Владата, но ако кликнете на линкот Медија Центар, а потоа и на линкот Канцеларија на портпарол, ви се отвора прозорец на кој пишува: Пристапот не е дозволен.

Зачлени се на нашиот е-билтен