Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВИДЕО „Дајте им права на Бугарите во Македонија“ – Пароли и довикувања за Сиљановска – Давкова во Софија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчеравечер присуствуваше на настапот на Националната опера и балет (НОБ) во главниот град на соседна Бугарија, Софија. Во Софиската опера и балет, македонската национална опера и балет ја изведе операта „Набуко“ од Џузепе Верди со што беше отворена оперската сезона во Софија. На настанот, покрај претседателката, присуствуваа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Припадници на бугарската ВМРО се собраа пред Националната опера во Софија и ја пречекаа со викање, довикување и разни пароли како „Патот на РСМ кон Европа минува низ коридорот број 8“, „Не за јазикот на омразата“, „Дајте им права на Бугарите во Македонија“ и други. Надвор ја пречека и бугарскиот премиер Најден Димитров на кого му изрази сочувство за несреќата во која загинаа двајца пилоти.

На новинарско прашање околу коридорот 8, Сиљановска Давкова одговори дека македонската Влада покажува разбирање за изградбата на овој проект.

„Сè што нè поврзува е добредојдено. Овој коридор не е само безбедносен, туку и можност за комуникација меѓу граѓаните од двете страни“, истакна таа.

Претходно, Сиљановска Давкова оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев по која изјави дека двете земји ќе трагаат по заедничко решение без никој да се чувствува навреден, и додаде дека со Радев се согласиле и нашата земја да ги добие „научените бугарски лекции“ за да не ги повторува истите грешки во евроинтегративниот процес.

„Ќе трагаме по компромис и заедничко решение без никој да се чувствува навреден или повреден и без никој да мисли дека бил заборавен“, рече Сиљановска-Давкова.

Од кабинетот на Радев пак соопштија дека Бугарија очекува искажаната желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да стане конзистентна политика на Владата на Република Северна Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен