Штаерскиот автопат во Словенија е целосно затворен во двата правци помеѓу излезите Словенска Коњица и Словенска Бистрица Југ поради тешка сообраќајна несреќа, во која, според неофицијални информации, експлодирала цистерна.
Како што јавува РТВ Сло, на местото на несреќата избувнал голем пожар, а детонацијата, според Радио Рогла, се слушнала во поголем дел од Словенска Бистрица. Во инцидентот наводно учествувале повеќе возила, но засега нема официјални информации за бројот на повредени.
Сообраќајниот информативен центар на Словенија ги повикува возачите на патнички возила да користат алтернативни правци. За насоката кон Љубљана се препорачува пренасочување преку регионалниот пат кај Словенска Бистрица, додека возачите што се движат кон Марибор да го користат излезот Словенска Коњица.

Воедно, затворени се јужниот влез во Словенска Бистрица кон Љубљана, како и влезот во Словенска Коњица во правец на Марибор.
За товарните возила што сообраќаат на релација Марибор–Љубљана, надлежните служби препорачуваат целосно избегнување на овој дел од автопатот и користење на алтернативна рута преку Хрватска.
Екипите на противпожарната служба и итната помош се на терен, а причините за несреќата и точните околности под кои дошло до експлозијата ќе се утврдуваат дополнително.