Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

[Видео] Граѓаните на протестот во Белград избркале група млади со качулки и маски кои сакале да испровоцираат немири

Група млади момчиња со качулки и маски, кои дојдоа на протестот пред Владата на Србија, кој се одржа поради смртта на 14 лица на железничката станица во Нови Сад, биле избркани од насобраните граѓани.

Како што може да се види на видеото кое кружи на социјалните мрежи и на страницата на Инстаграм Serbialive_Beograd, стоеја неколку момци со качулки на главата и маски на лицето, а потоа насобраните граѓани почнаа да ги бркаат со навредливи извици и да им порачуваат „ одете си“.

Протестите во Белград пред Владата и претседателството на Србија се одржаа поради уривање на настрешницата на зградата на Железничката станица во Нови Сад, во кое загинаа 14 лица, а тројца беа тешко повредени, јави дописникот на МИА од Белград.

Протестот беше организиран од опозициските партиии и движења, а започна со минута молчење и читање на имињата на загинатите. Откако се собраа пред Владата на Србија, протестната колона се упати низ улиците на Кнез Милош и Кралот Милан кон Претседателството на Србија, каде беа поднесени барањата.

Едно од барањата е оставка на премиерот на Србија, Милош Вучевиќ и на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.

Исто така, побарано е објавувањето на сите тајни договори поврзани со реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, итно апсење на сите одговорни и ослободување на сите приведени, како и вонредна контрола на сите инфраструктурни проекти кои се започнати или спроведени во изминатите десет години.

-Четиринаесет човечки животи згаснаа поради нечие невнимание, неодговорност, површност и бескрупулозност. За жал, во последните неколку години забележавме одреден тренд на девалвирање на мислењето на професијата, не вклучување во носење важни одлуки, неможност да се реагира и посочување на потенцијалните проблеми, а сето ова доведе до тоа многумина од нас да ја вртат главата, да не сакаат да видат, слушаат и не сакаат да кажат ништо, порача на протестот Ана Ферик-Ивановиќ, архитект од Нови Сад.

На протестот беа лидерите и преставници на Народното движење на Србија, Зелено-левиот фронт, Еколошкото востание, еколошки активисти на Здружението „Не го даваме Јадар“ Демократската партија (ДС), Српски центар , ПОКС, ПСГ.

-Ни велат да бидеме мирни и да веруваме во институциите. Во кои институции треба да веруваме после се? Дали треба да веруваме во полицијата која апси средношколци и студенти кои протестираат по изборната кражба во декември минатата година и по паѓање на настрешницата, а не ги гледа силеџиите, мафијашите и параполицијата, кои на истите тие протести ги малтретираат граѓаните и спроведуваат граѓански апсења, рече адвокатот Јован Рајиќ.

Пратеникот Срѓан Миливојевиќ од ДС на протестот пред претседатеството на Србија изјави дека зградата е полна со полиција и порача дека барањата ќе бидат доставени до Народното собрание.

Обвинителството во Нови Сад покрена истрага за несреќата во која соопштија дека се сослушани најмалку 53 лица, а единствена оставка досега поднесе министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ. Државните функционери, меѓу кои и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, наведуваат дека оставката на Весиќ нема да биде единствена и дека бараат политичка и кривична одговорност за несреќата.

Зачлени се на нашиот е-билтен