Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВИДЕО Костадиновска Стојчевска ги отфрли обвинувањата од градоначалничката Арсовска и најави тужба

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ги отфрли вчерашните обвинувања од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и најави тужба за клевета. Министерката денеска на прес-конференција рече дека Арсовска дополнително го оштетила буџетот за реконструкција на салата со 20 милиони денари.

-Ккатегорично ги отфрлам измислените лаги и скандалозни тврдења на Арсовска дека сум знаела за пожарот, а не сум пријавила. Веста за пожарот се ширеше толку брзо што за многу краток период беа преплавени социјалните медиуми од каде што дознав јас и во истиот момент од ова работно место од Министерство за култура се упатив кон Универзална сала. Упадот во системот на Бирото за јавни набавки е карактеристика за едно друго време во кое Градот и државата ја водеа оние коишто ја направија неа градоначалник. Во наше време има уредно барање пратено до Бирото за јавни набавки и уредно добиен одговор за промена на инвеститор како што налага договорот склучен со Град Скопје, рече Костадиновска Стојчевска.

Таа тврди дека Арсовска самата потпишала неколку документи за почетокот на реконструкцијата на Универзалната сала. Како што посочи, истиот проект кој Арсовска го спори и за кој обвинува дека е фалсификат, бил испратен преку системот за добивање градежна дозвола до Градот за пресметка на комуналии.

-Градот изготви таква пресметка, а Министерството за култура ја плати за што имаме и потпишан договор за комуналии. Таа се потпишала на документи низ овие постапки како што е договорот за регулирање на постапка. Таа се потпишала на документи и со тоа ја потврдува безбедноста. И овој чекор моравме да го направиме повторно заради немање интерес и волја Арсовска да почне со реконструкцијата бидејќи одобрението за реконструкција беше истечено, додаде Костадиновска Стојчевска.

Според Костадиновска Стојчевска, Арсовска не само што две години не презела ништо, таа дополнително го оштетила буџетот за реконструкција на салата со 20 милиони денари.

Министерката потенцираше дека Арсовска поради одлагање на реконструкција изгуби судски спор и го оштети буџетот на граѓаните наменет за реконструкција.

– Инсинуирањето на Арсовска дека сум знаела за пожарот, а не сум пријавила, низата небулози изјавени во вчерашниот прес во следните денови ќе бидат предмет пред судските истанци па самата таа ќе има можност подетално да објасни за изнесените тврдења за мена поврзани со Универзална сала. Сакам граѓаните да го знаат она што нив ги засега и во што не треба да се сомневаат, ниту да имаат страв дека Бисера или кој било друг од Министерството за култура може да го направи, а тоа е упад во системот за јавни набавки, додаде Костадиновска Стојчевска.

Таа образложи дека по склучувањето на договорот за промена на инвеститор, Министерството за култура како нов инвеститор ги презеде сите обврски и права што се однесуваат за реконструкција на салата.

-Договорот за изведба не беше завршен и како таков од  Бирото за јавни набавки имаме мислење дека треба да го преземеме согласно членовите 3 и 4 од договорот склучен со Град Скопје за промена на инвеститор. Тоа е барањето кое што ви го покажавме. Дополнително кон договорот што го презедовме со изведувачот имаме облигации по однос на реконструкција на прва фаза од Универзална сала. Министерството за култура по основ на договорот склучен со Град Скопје се обрати до сите правни лица кои се јавуваат како чинители во реконструкцијата и по службена должност ги обезбедивме сите документи кои од страна на градоначалничката не ни беа доставени со цел ефикасно и непречено продолжување на процесот, рече министерката.

Таа напомена дека проектантот кој го има донирано проектот на Град Скопје во двете фази, го доставил и до Министерството за култура, затоа што токму Министерството како инвеститор има обврска да ги преземе сите дејствија кон сите правни лица со кои Градот има склучено каков било договор.

-Без потпишан договор и платени комуналии не може да се издаде одобрение за реконструкција.  Градот е вклучен во процесот на давање на одобрение на реконструкција и тоа беше последниот чекор пред Општина Центар да издаде одобрение за реконструкција е Градот. Арсовска би требало да знае и дека проектот кој таа го оспорува има добиено позитивни мислења од сите институции, како и од ИЗИС кој го оцени проектот како безбеден и притоа тие документи и мислења се прибавени од Град Скопје, а не од Министерството, рече Костадиновска Стојчевска. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен