Македонката Тина Русева, која живее во Леверкузен, го остварува својот долгогодишен сон – настап на „The Voice of Germany“. И тоа не во било која сезона, туку во јубилејната 15-та, посветена на легендарни гласови и незаборавни ѕвезди од сите претходни изданија. Меѓу тие имиња, гордо ќе се слушне и македонскиот глас.
Во емотивна објава на Инстаграм, Тина се потсети на внатрешната сила што ја водела низ годините:
„Ти си мојот таен јазик кога зборовите не беа доволни, мојот невидлив пријател во тишината, мојата сила во секоја бура. Никогаш не замина кога сè друго замина. И сега, еве ме водиш до централната сцена на ‘The Voice of Germany’…“
Со овие зборови, таа ѝ се обраќа на својата храброст и на малото девојче што некогаш пеело со четка за коса наместо микрофон, верувајќи дека сонот може да стане реалност.
Талентот на Тина се појавил рано. На само 12 години го освоила второто место на меѓународниот фестивал „Славјански Базар“ во Белорусија – првиот знак дека нејзиниот глас е создаден за големи сцени.
Денес, Тина Русева е симбол на истрајност, љубов кон музиката и непоколеблива вера во сопствениот пат. Кога ќе запее во Германија, со неа ќе запеат и Струмица, и Македонија – сите соништа што чекале да бидат слушнати.
Нека нејзиниот успех биде потсетник дека секоја детска соба може да биде првиот чекор кон големата сцена – ако во неа живее доволно храброст да се сонува.