Грчкиот спасувачки тим составен од 22 спасувачи со аплауз го напушти Истанбул. Членовите со солзи порачаа дека дале сè од себе за да помогнат најмногу што можат.
Гувернерот на Истанбул Бозкурт Геврек му додели плакетата за благодарност на грчкиот тим и ги прегрна спасувачите заблагодарувајќи им се на сите поединечно, а шефот на тимот Јанис Папастатис му се заблагодари на турскиот народ за гостопримството.
-Кога видовме што се случи, нашата болка беше голема. Дадовме сè од себе и направивме сè што можеме. Добивме големо внимание од турскиот народ. Се чувствувавме безбедно и сè што ни беше потребно ни беше дадено. Од првиот момент кога дојдовме во Турција, луѓето знаеја зошто сме тука и цело време ни аплаудираа, изјави Папастатис.
Вработените во аеродромот и полицајците на аеродромот во Истанбул аплаудираа неколку минути додека минуваа грчките спасувачи, а во аплаузот им се придружија и другите патници.
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас беше првиот странски функционер што ја посети Турција по земјотресот што го опустоши јужниот дел на земјата. Се чини дека несреќата ги зближи двете земји со долго историско ривалство и многу нерешени отворени прашања, барем накратко.
(Бриф)