Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Виктимизација на националниот идентитет

Неусогласеноста на нашата историографија со неутралната наука, како и одбивањето на нашата актуелна власт (но и други) да ги прифати позитивните ставови на меѓународниот фактор за преземените чекори во изминатите три децении, резултира во едно погубно чувство на загрозеност и виктимизирање на идентитетските состојби.

Валентино ДИМИТРОВСКИ*

Во македонската јавност веќе подолго време се пласира една идеологија на виктимизација на Македонците и на македонската држава, при што оркестрирано се пласираат тези дека се направени бројни политички отстапки во изминатите три децении под надворешен и внатрешен диктат кои го руинираат и го потчинуваат македонското национално ткиво до работ на исчезнување и уништување. Не зачудува толку упорното настојување на националистичките структури во одржување на овој наратив на виктимизација колку што е разочарувачки неговото прифаќање како доминантен интерпретациски образец од страна на умерената и либералната интелектуална јавност кај нас. За разлика од националистичкиот дискурс, либералната јавност оваа виктимизација не ја разбира како капитулантски однос по одредени прашања, туку истата ја профилира како „одредени отстапки и жртви кои создаваат чувство на огорченост“, но кои било нужно да се спроведат за надминување на препреките на патот кон евроатланските интеграции.

Списокот на „отстапки и жртви“ датира од почетокот на нашето осамостојување а финишира заклучно со францускиот (европскиот) предлог за преговарачката рамка за откочување на преговорите на нашата држава со Европската Унија.

Најверојатно, првата отстапка се однесува на отстранувањето на сонцето од Вергина (од античкото македонско кралство) од првото државно знаме на државата, кое беше без никаква историска оправданост инкорпорирано во него.

Втората отстапка се однесува на одредницата FYROM за привремена референца во ословувањето на државата, која доколку имаше политичка и визионерска воља од сите политички субјекти, можеше благовремено и објективно да биде надмината со почитување на историските и актуелните реалности.

И покрај тоа што денес не се споменува честопати Охридскиот рамковен договор, одредени структури и политички субјекти се уште не можат да се сообразат со придобивките и со фактот на значително проширување на човековите права од истиот, па сметаат дека со него биле направени бројни отстапки и жртви на сметка на македонските национални интереси.

Конечната спогодба со Република Грција од 2018 година конзервативните и националистичките структури во општеството ја третираат како распродажба на националниот идентитет и дигнитет (а либералните структури како горка но објективна нужност за иднината на државата), независно од фактот што истата беше поддржана од целокупната меѓународна јавност, ги отстрани напластените историски рецидиви со разграничување на одредниците „македонски“ и „Македонци“ (со различно значење за нас и за Грците), во називот на државата се прецизира географска одредница со што се отстрани ексклузивноста што го опфаќаше целиот историски-географски регион Македонија и со придавката Северна се објективира и се ограничи само на државната територија, се прифати постоењето на македонски јазик, а не мала придобивка беше и отстранувањето на фантазматската антиквизирачка компонента од државно финансираниот образовен и културен простор.

Како следен во низата акти кои го „разнебитуваат македонското национално ткиво“ најоркестрирано досега се напаѓа „Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“.

Според раширеното мислење и толкување во нашата јавност, истиот претставува „најинкриминираниот“ документ во изминатите години по неговото потпишување во 2017 година и најоспоруваниот политички акт во изминатите три децении по осамостојувањето на Република Северна Македонија. За него нашироко се тврди дека ги руши националните и државните интереси и ја доведува државата и нацијата до капитулантска потчинетост и надворешен диктат за губење на националниот идентитет на Македонците.

Наспроти ваквите квалификации во изминатите години што прераснаа во доминантен дискурс во нашиот политички живот, надворешните видни меѓународни фактори (високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, министерот за надворешни работи на Германија, Зигмар Габриел и многу други од времето на потпишувањето на Договорот) истиот го квалификуваа како „историски договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија“ и дека „…ја покажува одлучноста на двете страни за надминување на билатералните прашања и претставува инспирација за целиот регион. Тој е позитивен чекор напред во добрососедските односи и ја зацврстува ЕУ-перспективата на поранешната југословенска Република Македонија во интерес на нејзините граѓани“.

На што се должи раширениот отпор против овој Договор кај нас (како и против Конечната спогодба со Грција), не само од националистичките, туку и од другите политички структури, бројни интелектуалци и не мал број граѓани и зошто меѓународниот фактор му даде толкава безрезервна поддршка? Дали е тоа клаузулата во двата билатерални договори за формирање на заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани? Кој се плаши од култивирано соочување во толкувањето на историските настани и личности врз основа на автентични документи и историски извори. Или, пак, проблемот е во клаузулата во Договорот со Бугарија, „…организирање со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности“.

Ако се анализираат сите посочени „отстапки и жртви“ во изминатите три децении, се констатира една зачудувачка дискрепанција меѓу ставовите на меѓународната јавност за истите со недвосмислено позитивни интонации (во текот на овој период) и оние на домашната јавност кои се доживуваат како погубни и предавнички по нашиот национален идентите или како горчливи пилули кои било нужно да се проголтаат.

Кај нас отсуствува каква било помисла или анализа дека можеби позитивната меѓународна поддршка за решенијата за отворените прашања со соседите во изминатите три децении се темели на консултации со релевантни меѓународни  институции и стручни експерти за одредени историски или актуелни состојби. Зарем не може да се замисли дека ставовите на меѓународниот фактор се темелат на поинакви интерпретативни образци (во однос на оние од домашната историографија), применети од бројни независни експерти (на пример, Јоланта Сујецка, Лоринг Данфорт, Алберт Сониксен, Данкан Пери, Анастасија Каракасиду, Клаус Рот, Улф Брунбауер, Стефан Требст, Кит Браун, Александар Максвел, Џон Јан Антверп Фајн, Иво Банац, Мерсиа Мек Дермот, Марк Мазовер, Барбара Јелавиќ, Рајмонд Детрез, Виктор Рудоментов, Роберт Палмер, Стефан Кинг, Ф.А.К. Јасамее и многу други по Втората светска војна), кои не може да се обвинат дека истражувале и интерпретирале врз основа на нечиј или некаков диктат.

Доколку се покаже малку повеќе чувство за објективност, во обемната литература за историските случувања кај нас и пошироко од посочените но и од бројни други независни експерти, ќе се стекне увид дека „инкримираните“ решенија во изминатиот период не се никакви отстапки или жртви, туку култивирано приспособување со неутралната наука и со меѓународните стандарди. Токму неоптеретениот увид на неутралната наука може да упати и да помогне во разбирањето за објективното постоење на заеднички историски настани и личности во минатото со Бугарија, имајќи предвид дека истата ова повеќекратно го има интерпретирано и констатирано врз основа на бројни историски извори и сведоштва.    

Неусогласеноста на нашата историографија со неутралната наука, како и одбивањето на нашата актуелна власт (но и други) да ги прифати позитивните ставови на меѓународниот фактор за преземените чекори во изминатите три децении, резултира во едно погубно чувство на загрозеност и виктимизирање на идентитетските состојби. Овие тенденции се чини дека ја доживеаја својата кулминација со изјавата на Александар Николовски дека оние што прифатиле „заедничка историја“ се мизерни, како и со ставот на Мицковски по одвојувањето на Република Албанија од нашата држава во процесот на преговори со Европската Унија дека „се испраќа лоша порака до македонските граѓани и дека само се изживуваат врз нас“. Усогласувањето на нашата историографија со неутралната наука и со историските извори, пред и над сѐ, им го должиме на нашите претци. Усогласувањето со меѓународните стандарди и со ставовите на меѓународниот фактор им го должиме на денешните и на идните генерации граѓани на нашата држава. Надминувањето на одредени ретроградни стереотипи и рецидиви од минатото не е никаква отстапка или жртва, туку култивирано градење на научниот и на политичкиот дискурс.

*Валентино Димитровски дипломирал Историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Од 1978 до 2004 година работел во Републичкиот заводот за заштита на спомениците на културата на Република Македонија. Од 2005 до 2021 година работел во Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство во Скопје. Од 1978 година објавува статии на теми од историјата на уметноста, уметничката критика, архитектурата и друго. Учествувал на бројни домашни и меѓународни симпозиуми со прилози од областа на заштитата на културното наследство во Македонија, македонската и регионалната современа уметност, уметниката критика, урбанизмот, архитектурата и друго.

Зачлени се на нашиот е-билтен