Новата конструкција на Универзалната сала остана нечепната по пожарот кој ја зафати утрово, што е потврда дека проектот за реконструкција е целосно безбеден.
Изгоре дел од старата конструкција и внатрешност која секако е дел од проектот за реконструкција. Имено, за реконструкција на салата е вграден челик кој е противпожарен и може да издржи температура од 1.600 степени.
На крајот на минатиот месец, беше поставена нова купола на Универзалната сала, со започнувањето на реконструирањето на објектот, од страна на Министерството за култура кое ја презема од Град Скопје.
Претходно, Градоначалничката Данела Арсовска ги стопираше градежните работи, кои беа почнати додека градоначалник беше Петре Шилегов.
Се поставува прашањето, за преземање на одговорност што 2 години проектот стоеше отворен и што реконструкцијата стоеше во место. Останува нејасно зошто Универзална сала две години стоеше отворена и на милост и немилост на временските услови, а градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска не сакаше да ги предаде ингеренциите за реновирање на Министерството за култура.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска во неколку наврати побара да се забрза тој процес, токму од безбедносен аспект, да не се дозволи проектот да биде загрозен со тоа што на него подолго време не се работи.
Конечното префрлање на интегеренциите од Град Скопје на Министерството за култура се случи во декември минатата година, кога и продолжи реконструкцијата на објектот. Пред две недели беше поставена и новата челична купола, врз челичната конструкција.
Добрата вест по денешниот пожар е што во проектот е предвидено целосно ново уредување на внатрешноста, но останува да се види колкави се штетите и дали и колку пожарот ќе го одложи финализирањето на реновирањето на Универзалната сала.
Останува прашањето дали денешниот пожар ќе се случеше доколку Универзалната сала беше уредно реконструирана и ставена во функција согласно планот, односно доколку две години не беше оставена на милост и немилост да пропаѓа.
Министерката Костадиновска-Стојчевска денес беше во увид и кажа дека денешниот инцидент нема да го премисли министерството и да се откаже од целосна реконструкција на Универзалната сала.
„Ова е голем шок за скопјани, но и за сите македонски граѓани. Веднаш интервенирале пожарникарите и како што може да се види, пожарот е ставен под контрола“, изјави Костадиновска-Стојчевска, нагласувајќи дека е најважно што нема жртви и нема повредени.
Таа упати апел до институциите брзо да се завршат сите проверки и да се утврдат причините за пожарот, обемот на штетата и евентуалната одговорност.