Во Авганистан забрана за книги напишани од жени во универзитетите

Новото упатство издадено од владата бара отстранување на 140 наслови напишани од жени од студиските програми

Талибанците продолжуваат со строги ограничувања во образованието во Авганистан и насочени се кон жените, овој пат со забрана за книги напишани од жени.

Новото упатство бара отстранување на 140 книги од наставните програми, исто така се укинуваат и предмети поврзани со човекови права.

Според владејачките правила, 140 книги од женски автори се сметаат за „проблематични“ и „спротивни на шеријатот и политиките на Талибанците.“ Во пракса, официјален претставник потврдил дека „никаква книга напишана од жена не е дозволено да се предава.“

Покрај тоа, 18 универзитетски предмети, како „Пол и развој,“ „Улогата на жените во комуникацијата“ и „Социологијата на жените“ се отстранети од наставната програма. Овој потег претставува голем удар врз правата на жените и девојките кои веќе се исклучени од образованието по шесто одделение.

Политички и идеолошки забрани

Новите правила не влијаат само на жените, туку и на целата академска заедница. Трудови од ирански автори и издавачи се исто така забранети во обидот на Талибанците да „спречат инфилтрација на ирански содржини“ во авганистанското образование.

Закија Антели, поранешна заменик-министерка за правда, изјави дека одлуката била очекувана: „Со нивниот мизогинистички менталитет, природно е дека кога жените се исклучени од образованието, ќе бидат задушени и нивните идеи и написи.“

Професорите на универзитетите во Афганистан изразуваат страв за иднината, нагласувајќи дека отстранувањето на овие книги создава „огромен јаз“ во високото образование и го отежнува исполнувањето на меѓународните академски стандарди.

Зачлени се на нашиот е-билтен