Властите во Хонг Конг соопштија дека е завршена акцијата за гаснење на пожарот во станбениот комплекс Таји По, кој однесе најмалку 128 човечки животи, пренесе денес BBC.
Според податоците, 79 лица се повредени, од кои повеќе од 50 се хоспитализирани, а околу 300 жители се водат како исчезнати.
Меѓу хоспитализираните има 12 лица во критична состојба, а 28 во многу тешка состојба, јавува BBC.
Од загинатите, 89 сè уште не се идентификувани, соопштија властите.
Прелиминарната истрага покажала дека лесно запалливиот стиропор поставен над прозорците на лифтовите на секој кат го забрзал ширењето на огнот низ ходниците и становите.
Властите наведуваат дека ниту заштитните мрежи, ниту лимовите на надворешниот дел од зградата не ги исполнувале противпожарните стандарди. Поради сомнение за убиство од небрежност, уапсени се три лица – двајца директори и консултантот на изведувачот задолжен за реновирањето.

