Скопје денеска е домаќин на седмото традиционално женско рели, настан што ги собира жените љубителки на автомобилизмот, натпреварувањето и тимскиот дух. Женското рели го организира Автомобилистичката федерација на Македонија, членка на Светската автомобилистичка федерација, а интересот и годинава е голем.
Настанот започна во 10:30 часот на големиот паркинг на СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Според објавените информации, за учество се пријавиле повеќе од 100 жени, а бројката се очекувало дополнително да расте бидејќи пријавувањето траело до денес.
Натпреварувачките се организирани во екипи составени од возач и совозач. Првиот дел од релито опфаќа градска рута, по што следува втора етапа со спретно возење на затворен паркинг, во контролирани и безбедни услови, меѓу конуси.
Организаторите велат дека целта на релито не е само натпреварувачка, туку и промотивна и едукативна. Настанот треба да ја истакне улогата на жените во мотоспортот, да ја поттикне тимската работа и позитивната енергија, но и да ја подигне свеста за безбедноста во сообраќајот.