Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Волков: Протестот на кој повика Навални на 17 март ќе биде негов последен аманет

 Леонид Волков, близок соработник на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, денеска изјави дека протестот на кој Навални повика да се одржи на 17 март, последниот ден од претседателските избори во Русија, ќе биде негов „последен аманет“.

Во видеото на Јутјуб, Волков ги повика Русите да се појават во голем број на протестот тој ден против рускиот претседател Владимир Путин и да гласаат напладне, на што Навални повика околу две недели пред неговата смрт.

Волков рече дека тоа ќе биде и „митинг на жалост“ во знак на сеќавање на Навални и исполнување на неговиот повик за протест. Навални во објава на социјалните мрежи на 1 февруари, која ја постави преку своите адвокати, ги повика Русите на протест против рускиот претседател Владимир Путин со тоа што сите ќе излезат да гласаат на изборите на 17 март во исто време: напладне.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека ќе има последици за оние кои ќе ги слушаат ваквите апели на Навални и, како што наведе, ќе ги прекршат законите на Руската Федерација.

Навални почина во казнената колонија на 16 февруари, откако, според затворските власти, се онесвестил по утринската прошетка, по што неуспешно бил реанимиран. Навални, познат како остар критичар на Кремљ, служеше 30-годишна затворска казна, меѓу другото, за, како што е наведено во една од пресудите на рускиот суд, основање и финансирање на екстремистичка организација и нејзините активности.

Зачлени се на нашиот е-билтен