Враќањето на украдените икони од Албанија во Северна Македонија беше прва реституција во регионот воопшто, а тоа најде место и во регионалните и светските медиуми.
За соработката и напорите на министерствата за култура и Владите на двете земји известија сите светски медиуми, истакнувајќи го политичкото значење на овој потег, но и тоа дека тоа е во насока на зачувување на историското и културно значење за регионот.
Како што кажа министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска ова е прво вакво враќање на украдено културно и историско наследство во регионот. Таа додаде дека ова е важно не само од политички аспект, туку и од аспект на почитување на меѓусебното културно наследство.
„Последните две години работевме на процесот за враќање, кој беше долг и комплициран. Но, за среќа, стручниот тим кој беше инволвиран во нивното препознавање и зачувување беше од огромно значење“ рече Костадиновска-Стојчевска.