Забрчанец: Кому и зошто пречат придобивките од проектите на Отворен Балкан

Иако „Отворен Балкан“ требаше да биде симбол на економска соработка и интеграција во регионот, иницијативата денес е практично стопирана – без нови проекти, без политичка волја и со сè поголема незаинтересираност, особено од македонска страна.

„Единствен економски простор е можен само со силна политичка и економска посветеност на државите од регионот, а во моментов, барем од македонска страна, не се забележува никаква иницијатива“, вели во анализа за „Локално“ поранешниот Национален координатор за „Отворен Балкан“, Марјан Забрчанец.

Тој потсетува дека Македонија како една од помалите држави би имала најголем бенефит по глава на жител, бидејќи токму регионалните пазари ѝ овозможуваат економско зајакнување, мобилност и поголема конкурентност во рамките на Европа.

Од ентузијазам до застој

Во периодот 2019–2024, според Забрчанец, стопанските комори и владите на Македонија, Србија и Албанија беа моторот што ја движеше иницијативата.

„До средината на 2024 година веќе функционираа неколку успешни проекти: зелени ленти на премините Ќафасан и Табановце, усогласени М-ТАГ системи за патарини и укинување на работните дозволи меѓу трите држави. Тоа им овозможи на граѓаните и фирмите побрз проток и полесен пристап до регионалниот пазар“, објаснува Забрчанец.

Но, како што додава, процесот целосно запрел со ескалацијата на конфликтот Србија – Косово, со преминувањето на Албанија кон Берлинскиот процес и со промената на власта во Македонија.

„Новата влада повеќе од една година не покажува никаква иницијатива за регионално економско поврзување. Реалноста е едноставна – граѓаните и фирмите го поддржуваа ‘Отворен Балкан’, но властите се откажаа од него“, нагласува тој.

Недовршени проекти и блокади на терен

Според Забрчанец, дури и постојните проекти се имплементираат слабо или воопшто не функционираат:

„Постои проблем со меѓусебното признавање на лабораториските инспекции на Ќафасан – камиони чекаат со часови, и покрај зелените ленти. Се доцни и со сертификатите за слободен пристап до пазарот на труд, иако токму тој проект покажа дека Македонија повеќе привлече, отколку што изгуби работна сила.“

Неговата оценка е јасна: „Регионалните придобивки очигледно некому му пречат. Наместо да се надградуваат постигнатите резултати, имаме застој и губење доверба.“

Повик за враќање на регионалната визија

Паралелно, претседателот на Српската стопанска комора, Марко Чадеж, неодамна предупреди дека Западен Балкан мора итно да создаде заеднички економски простор:

„Немаме повеќе време. Или ќе размислиме како да преживееме заедно, или ќе исчезнеме како економија. Мора да зборуваме со еден глас, без разлика дали сме Срби, Албанци или Македонци – само така можеме да го издржиме претстојниот период.“

Што следува?

„Отворен Балкан“ првично беше замислен како регионална платформа за четирите европски слободи – движење на луѓе, стоки, капитал и услуги – и како чекор кон побрза интеграција во единствениот европски пазар.

Но по самитот во Тирана во 2023 година, албанскиот премиер Еди Рама најави дека иницијативата ја завршила својата мисија, бидејќи „Берлинскиот процес станал главен фокус на регионот“.

За Македонија, тоа значи дека прашањето за регионално економско поврзување повторно останува отворено.
Или, како што предупредува Забрчанец:

„Ако сакаме конкурентен Балкан и економија што ќе ги задржи младите, мора да ја вратиме регионалната соработка. Без тоа, остануваме на маргините на европската економија.“

Извор: Локално.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен