– Заедничките безбедносни предизвици наспроти позадината на постојаните глобални и регионални безбедносни закани, беа во фокусот на вечерашната средба во Брисел на шефовите на дипломатиите на државите од Западниот Балкан и на земјите членки на Унијата, што се одржа под претседателство на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.
Земјава на министерскиот состанок ја преставуваше заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Борел на средбата ја истакна важноста на единството и силната соработка на ЕУ со партнерите од Западен Балкан за да се изгради отпорност и да се промовира мирот и стабилноста на континентот, додавајќи дека Унијата ги смета на земјите кандидати за членство за доверливи партнери во надворешната, безбедносната и одбранбената политика, вклучително и кога станува збор за усогласување со одлуките на блокот во овие сфери.
Како што соопшти Советот на ЕУ на состанокот биле разменети мислења за предизвиците во регионот и неговата европска иднина во време кога политиката за проширување на Унијата доби нов моментум и по неодамнешното усвојување на извештаите за проширување на Еврокомисијата со кои се оценува напредокот на секој партнер на европскиот пат.
Борел при тоа ја повтори континуираната силна политичка, техничка и финансиска поддршка на ЕУ на сите кандидати и потенцијални кандидати за членство за да им помогне да ги унапредат клучните политички, институционални, социјални и економски реформи, посочувајќи дека во таа насока е новиот План за раст на Западниот Балкан усвоен минатата недела, кој треба да им овозможи на земјите од регионот да ги засилат реформите и инвестициите за значително да се забрза интензитетот процесот на проширување и растот на економии на овие држави.
Покрај, Исаки на средбата присуствуваа и албанскиот министер за Европа и надворешни работи Игли Хасани, босанскиот министер за надворешни работи Елмедин Конаковиќ, косовската вицепремиерка и министерка за надворешни работи и дијаспора Доника Гервала-Шварц, српската министерката за европски интеграции Тања Мишчевиќ и црногорскиот министер за надворешни работи Филип Ивановиќ.
Борел на платформата Икс објави дека ЕУ сака да го вклучи регионот во својот процес на одлучување, како за надворешната, така и за безбедносната политика, пред влезот на регионот во Унијата, додавајќи дека „местото на Западен Балкан е во ЕУ“.
– Сакаме да го интегрираме регионот во нашиот процес на донесување одлуки уште пред пристапувањето, вклучувајќи ги и одлуките за надворешната и безбедносната политика. Местото на Западен Балкан е во ЕУ, нагласи Борел.
Борел утрово пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ, кое му претходеше на министерскиот состанок, изјави дека целта на средбата со партнерите од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, е Унијата покаже колку овој регион е важен за неа.
– Ќе разговараме за неодамнешните предлози на Комисија за проширување и ќе инсистираме на потребата од поблиско усогласување со нашата надворешна политика. Некои земји немаат сјајно досие за усогласување со нашата надворешна политика и санкциите, додаде Борел.
Средбите во овој формат со цел засилен ангажман на Унијата со државите од регион, резултираа со Декларацијата од Тирана усогласена на Самитот ЕУ-Западен Балкан на 6 декември 2022 година, со која лидерите учесници ја изразија својата решеност да се забрза и продлабочи политичкиот ангажман, вклучително и преку учество на партнерите од Западен Балкан во настани на високо ниво на ЕУ и преку редовни дијалози за заедничката надворешна и безбедносна политика.
Пред министерскиот состанок шефовите на министрите од регионот имаа средба и со шефовите на дипломатиите на седумте држави пријатели на Западниот Балкан, кои се залагаат за побрза интеграција на западнобалканските земјите во ЕУ.