„Инспирирани од Договорот од Преспа, во 2019 година, претседателот на Србија, премиерот на Албанија и јас, тогаш како премиер на Северна Македонија го инициравме ‘Отворен Балкан’. Имавме искрена намера да го трансформираме регионот од зона на конфликт во зона на пријателство и соработка. Регионалното поврзување ни отвори нови перспективи и можности, за економски развој, за заедничка иднина, за нашите народи“, рече поранешниот премиер Зоран Заев на форумот на Економист во Атина.
Тој додаде дека Албанија, Србија и Северна Македонија потпишаа повеќе мултилатерални и билатерални договори за реализација на основните права за слободно движење на луѓето, производите и капиталот, како дел од зацртаните придобивки за поголема регионална соработка и унапредување на поврзувањето меѓу земјите од Западен Балкан.
„Со заедништво и со инвентивни решенија, во време на глобални кризи, можеме да го трансформираме Балканот во зона на мир и стабилност. Останувам посветен и го охрабрувам процесот на соработка на Балканот и за останатите земји како Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора“, истакна поранешниот премиер Зоран Заев на конференцијата на актуелни претседатели и шефови и членови на влади, како и на истакнати претставници на тинк-тенк организации и на академската сцена на „Економист“ која што се одржува во Атина, Грција.